70 години Комерцијална банка во мисија за посилна заедница


Комерцијална банка во 2025 година го одбележа големиот јубилеј – 70 години постоење. Покрај стабилноста, растот и иновативноста, постои уште нешто што нè дефинира низ сите овие децении, а тоа е континуираната и силна корпоративна филантропија водена од нашето мото „Полесно е заедно“.

Во годината кога славиме 70 години постоење, го сумираме постигнатото и сфаќаме дека нашата најголема инвестиција не е само финансиска, туку и длабоко хумана и општествено одговорна. Во записот за нашата традиција се и луѓето.

Секоја донација, секое партнерство, секој проект што го поддржавме изминативе седум децении е мало поглавје од нашата мисија да бидеме успешна компанија што ќе биде и вистински сојузник на општеството. Преку значајна поддршка и вредни донации вложувавме во општествените сегменти кои го засегаат секој поединец, влијаат врз квалитетот на неговиот живот и ја поддржуваат неговата иднина.

Во последните години, еден од нашите најголеми проекти е поддршката на јавното здравство, која е директно усогласена со стратегиската цел на Банката да придонесе за општествена отпорност. Донацијата за изградба на нов Ургентен интернистички центар во Клиничкиот центар во Скопје, реновирање Одделот за ревматологија и кардиологија на Детската клиника во Скопје и за набавка на амбулантно возило за Општата болница во Кочани, како и значајната помош доделена за време на Ковид-пандемијата го истакнуваат лидерството на Комерцијална банка како докажан филантроп и поддржувач на општествените сфери кои најдиректно го засегаат квалитетот на живот на граѓаните.

Грижата за здраво и весело детство ја препознаваме како приоритет на секое општество и затоа со повеќе донации и проекти придонесовме за подобри услови за образование и грижа за децата. Со донации од Комерцијална банка во минатата година изградени се нова градинка „Верверичка“ во Општина Кисела Вода и ски центар во детското одморалиште во Михајлово. Постојано помагаме и придонесуваме за еднакви можности и за инклузивен свет.

Како партнер на Црвениот крст и Генерален покровител на проектот „Подобра социјализација на деца и млади со попреченост и психо-социјална поддршка на деца во згрижувачки семејства“, веќе 15 години им помагаме на најранливите категории граѓани во земјата и обезбедуваме поквалитетен животот за 340 дечиња.

Банката обезбеди силна финансиска поддршка во износ од 30 милиони денари за новата Фондација „Заедно за едно“, основана во рамките на Македонската банкарска асоцијација за да им помогне на повредените и на семејствата на настраданите во трагичниот пожар во дискотеката во Кочани. Овој износ Банката го донираше на Фондацијата за 2025 година.

Горди сме и на акцијата „Биди своја, биди силна!“, во рамките на поддршката на Националниот совет за родова рамноправност, со која придонесуваме за охрабрување и едуцирање на жените да постигнат поголема финансиска независност, да ги искористат своите права и можности и да напредуваат во секој сегмент од животот.

„Финансиската училница“ на Комерцијална банка безмалку една деценија ги подготвува децата за безбедни и одговорни лични финансии преку едукативни предавања за значењето на штедењето, правилното користење финансиски продукти, избегнувањето потенцијални ризици и преку совети за постигнување финансиската независност.

Традиционално, по повод Светскиот ден на штедењето заедно со нашата „Верверичка“ им подаруваме штедни книшки со депозит од 5.000 денари на бебињата родени на 31 октомври. Со оваа мисија даваме свој придонес за подобра и посреќна иднина на децата и го поттикнуваме штедењето уште од најмала возраст.

Нашиот придонес за младите и нивниот правилен развој го реализираме и преку поддршка на спортот со цел да ги поттикнеме младите преку примерот на спортските успеси да негуваат здрави навики, амбиции и одговорност. Во таа насока, Комерцијална банка е пријател и поддржувач на македонскиот репрезентативен фудбал, на машката сениорска кошаркарска репрезентација и на ракометниот клуб Вардар.

Обезбедуваме значајна поддршка и за бројни културни и уметнички настани зад кои стојат големи ентузијасти, истакнати уметници и амбициозни млади луѓе, кои без двоумење иницираат и реализираат проекти вредни за културното наследство. Еден од нив е доделувањето на престижната награда „Роман на годината“, која ја поддржуваме со децении.

Одржливото работење и вложувањата во „зелени“ проекти исто така се меѓу основните приоритети во стратегијата за општествена одговорност на Банката. Активно инвестираме во намалување на потрошувачката на енергија и во заштитата на животната средина, а паралелно обезбедуваме значајна финансиска поддршка за граѓаните и деловните субјекти да реализираат своите проекти за енергетска ефикасност и намалување на емисијата на штетни гасови.

Станавме и горд „Зелен поборник“ во рамките на најголемата волонтерска иницијатива „Боренка“ на Сојузот на извидници на Македонија, преку која пошумуваме и на природата ѝ подаруваме по едно дрво за секој нов клиент до 29 години кој ќе започне да го користи Zipp пакетот за млади.

Комерцијална банка е лидер во општеството во дигиталната трансформација на своите производи и услуги, а сѐ со цел да им овозможи на клиентите модерни и ефикасни финансиски решенија. Дигиталните зони на Банката, како и сите физички локации, се прилагодени и за лица со телесен хендикеп.

Оваа приказна не застанува туку продолжува со иста енергија, но и со нов стил: со програми за младите, дигитална и финансиска едукација, поддршка на иновации, стратегии за одржливост и со проекти што го менуваат општеството на подобро. Денес, кога Банката е модерна и дигитално ориентирана, нашата општествена одговорност е уште порелевантна.

Остануваме фокусирани на:

  • поддршка на локални и национални проекти што го подобруваат квалитетот на живот,
  • вложување во дигитална писменост и финансиско едуцирање на младите и на населението воопшто,
  • донации и целна поддршка на најранливите категории граѓани,
  • партнерства со институции, невладини организации и со бизнис секторот за решавање реални општествени предизвици,
  • програми за вработени што поттикнуваат одржливост, волонтерство и корпоративна култура на грижа.

Општествената одговорност не е само дел од нашата стратегија, туку и дел од нашиот идентитет. И продолжуваме заедно уште посилно. Нашата мисија е со иновации да го олесниме секојдневието на нашите клиенти, а со човечка грижа и корпоративна одговорност да ја одржиме довербата и да останеме пример за институција која расте заедно со целата заедница.



Преземено од: Kapital.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *