„Српското сценариот во Македонија започна синоќа“, рече Филипче, најостро осудувајќи го нападот на редакцијата на „Инфомакс„
„Ситуацијата е алармантна, ВМРО-ДПМНЕ ја предаде Македонија. Со денови зборуваме дека моделот е преземен од Србија“, рече Филипче, давајќи историјат на тамошните случувања што доведоа до протестите по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад која однесе бројни невини животи, како и кај нас Кочани како резултат на корупција. Притоа спомена налог за претепување на мирни демонстранти, напади врз новинари, газење на демонстранти со возила , апсења и притисоци, по што Србија се крена на нозе.
Тој вели дека ова сценарио го гледавме кај нас пред десет години за време на Груевски, кој и денес ја крои исто така судбината на Македонија од Будимпешта. Напаѓачот, според неговите информации, е член на ВМРО-ДПМНЕ.
„Слободата на граѓаните и на медиумите е загрозена. Нема да чекаме да испраќаат тепачи по домовите. Српското сценарио во Македонија започна синоќа“, рече Филипче.
Тој дополни дека премиерот договорил мигранти за Македонија и наспроти барањата сите изминати денови да каже дали ќе им се даде престој, дали ќе им се даде работа, пасош, дали ќе бидат сместени во шатори или ќе се градат социјални станови – нема јасен одговор.
„Одговорот за нас е јасен, во јуни ќе дојдат мигранти во Македонија. По вчерашното одбивање на владата да одговори на прашањата на ‘Тајмс’ се потврди тоа што СДСМ го изнесува во јавноста“, рече лидерот на СДСМ, додавајќи дека место тоа фокусот се префрла на лажни обвинувања. Фактот дека премиерот Христијан Мицкоски не сака да ја потпише предложената резолуција од СДСМ која ќе гарантира на граѓаните дека мигранти нема да дојдат, според него покажува каква му е намерата.
Преземено од: Kapital.mk