Доброволен пензиски фонд
Искористи го нашиот стручен совет за Доброволен Пензиски Фонд
Ќе ти обезбедиме овластен и лиценциран ПЕНЗИСКИ АГЕНТ за да направи за тебе бесплатна анализа, за доброволен пензиски фонд кој би бил најсоодветен токму за тебе.
Доброволен пензиски фонд - за почетници
Доброволното капитално финансирано пензиско осигурување (трет столб) е осигурување врз основа на капитализација на средствата, на доброволна основа. Во него можат да бидат вклучени сите лица кои сакаат да обезбедат подобра материјална сигурност покрај задолжителното осигурување, како и оние кои не се опфатени со задолжително осигурување.
Овој пензиски фонд е правилен избор доколку сакаш долгорочен раст на заштедите наменети за дополнителна пензија и одржување на нивото на животен стандард и по пензионирањето.
Примарната придобивка од третиот пензиски столб е флексибилноста. Не си обврзан да правиш редовни уплати. Можеш да уплаќаш колку сакаш, кога и да ти одговара. Ова е особено корисно за оние кои имаат флуктуирачки приходи од хонорарна работа, или за оние кои сакаат да ги надополнат своите задолжителни пензиски заштеди без да бидат обврзани на одредени износи или распореди за уплата.
Дополнително, вложените средства се инвестираат според строго утврдени законски прописи, со што се обезбедува највисока заштита на интересите на осигурениците и на нивните средства, со фокус на постигнување долгорочна стабилност и принос.
Член на доброволен пензиски фонд може да стане секое вработено или невработено лице со услови исполнети по Закон, а кое има најмалку 15 и најмногу 70 години возраст.
Секој осигуреник може да има само една доброволна индивидуална сметка и една професионална сметка во доброволен пензиски фонд.
Поволност за членовите во третиот столб е и правото на поврат на персоналниот данок на доход, пресметан на износот на уплатениот придонес во доброволниот пензиски фонд.
Индивидуална сметка - уплата сам за себе
Уплатата на индивидуална сметка се врши исклучително од трансакциска сметка на членот, а кон договорот може да се приклучи и трето физичко лице-уплаќач, кое би уплатувалo средства во твое име доколку ти не си во можност.
После склучување на договорот, може да вршиш уплати на својата индивидуална сметка – со износи и динамика по свој избор. Може да уплаќаш кога сакаш и колку сакаш и нема никакви пенали или ограничувања. Секоја твоја уплата се евидентира на твојата индивидуална сметка која се води на твој ЕМБГ.
Професионална сметка - твојата фирма уплаќа за тебе
Уплата на професионална сметка се врши од трансакциска сметка на осигурителот/фирмата.
Професионална пензиска шема ја организира работодавачот, своеволно определувајќи за кои вработени или членови ќе направи вакви уплати и на кој износ.
Секој учесник во професионалната пензиска шема треба да потпише изјава за согласност за учество во професионална пензиска шема и да ја достави до работодавачот.
Работодавачот потпишува договор со друштвото кое го избрал да управува со доброволниот пензиски фонд во кој ќе биде вклучена професионалната пензиска шема.
Даночни ослободувања: ваквите уплати од фирма имаат даночни ослободувања, што е уште една предност за работодавачот да направи ваков мотивациски “бонус“ за своите вработени.
Согласно член 9, точка 5 од Законот за данок на добивка, како непризнаени расходи за даночни цели се сметаат трошоците по основ на уплатени доброволни придонеси во доброволен пензиски фонд над износот од две просечни месечни бруто плати, исплатени во претходната година во Република Северна Македонија, на годишно ниво по вработен.
За лицата кои се членови само на Државниот пензиски фонд (Прв столб), придонесот за пензиско и инвалидско осигурување во висина од 18,8% од бруто-платата во целост се уплатува во Фондот за ПИОСМ.
Кај членовите на Задолжителниот пензиски фонд (Вториот столб) од 18,8% на придонес за пензиско осигурување од бруто-платата, 12,8% се уплатуваат во Фондот за ПИОСМ, а 6% се уплатуваат во Задолжителниот пензиски фонд на индивидуалната пензиска сметка на осигуреникот.
Третиот столб е доброволно пензиско осигурување каде средствата се уплатуваат индивидуално, или пак од страна на работодавец на пензиската сметка на членот, а за истите не постои обврска за редовност во уплати или висина на уплати.
Средствата на пензиските фондови се вложуваат преку дисперзирана изложеност во акции (од македонски компании кои котираат на Македонската Берза или реномирани странски комапнии), удели во инвестициски фондови, македонски и странски државни и корпоративни обврзници, депозити во домашни банки и останати инструменти утврдени по закон, а се со цел за да се оствари соодветен принос на долг рок.
Право на исплата на пензиски надоместок од Трет столб се овозможува најрано 10 години пред возраста за стекнување на право на старосна пензија, што во општ случај значи на возраст од 52 години за жена, односно 54 години за маж.
Нив може да ги повлекуваш по личен избор во вид на: програмирани повлекувања, еднократна или повеќекратна исплата, ануитети и комбинација од претходните начини. Истите подлежат на оданочување со персонален данок на доход во согласност со Законот за данок на личен доход.
Во случај на членот да му биде утврдена општа неспособност за работа, Законот дава можност за повлекување на средствата без оглед на возраста (и порано од 52/54 години возраст).
Во случај на смрт на член на овој фонд, средствата на сметката се наследни и влегуваат во оставинската маса на тој член.
Средствата акумулирани на сметките на членовите во пензиските фондови со кои управува Друштвото, се чуваат одделно од имотот и средствата на Друштвото кај Банка чувар на имот.
Доколку пензиското друштво пропадне, надлежната агенција МАПАС ќе спроведе постапка за избор на друго друштво, кое го презема управувањето со средствата на пензиските фондови.