НИНА НЕДАНОСКА: ШПАРКАСЕ БАНКА СОЗДАВА ВРЕДНОСТ ЗА КОМПАНИИТЕ, ЗА ЕКОНОМИЈАТА, ЗА ИДНИНАТА


Нина Неданоска

Заменик претседател на УО на Шпаркасе Банка АД Скопје

Со силно присуство кај странските инвеститори, јасна стратегија за корпоративни финансии и лидерска позиција во поддршката на зелените инвестиции и одржливи бизниси, Шпаркасе Банка создава модел на раст кој им помага на компаниите да растат, да се модернизираат и да останат конкурентни.

Капитал: Шпаркасе Банка АД Скопје има значаен пазарен удел во корпоративниот сегмент. Како ја оценувате еволуцијата на корпоративното портфолио во последните пет години, кои сектори и услуги најмногу придонесоа за неговиот раст и кои се најзначајните достигнувања на банката во овој период?

Недановска: Во изминатите пет години, корпоративното банкарство во Шпаркасе Банка АД Скопје се развиваше внимателно и стратешки, насочено кон стабилен, одржлив и диверзифициран раст. Овој период беше клучен за градење корпоративно портфолио кое денес ја одразува нашата силна ориентација кон поддршка на реалниот сектор и кон создавање долгорочни, партнерски односи со клиентите.
Дополнително, оваа година за нас има особена симболика – нашата матична групација Штаермеркише Шпаркасе одбележува 200 години постоење, што претставува значаен јубилеј и доказ за традиција, стабилност и континуитет.
Посветени сме на поддршка на сите сегменти, со особен фокус на малите и средните претпријатија кои се двигатели на економската активност во нашата држава. Најголем придонес во растот го дадоа секторите енергетика, градежништво, производство и трговија, каде што успеавме да испорачаме структурирани финансиски решенија насочени кон инвестиции, развој и ликвидност на компаниите. Во изминатите пет години испорачавме подинамичен тренд на зголемување на корпоративните кредити во однос на просекот на ниво на банкарскиот сектор, со раст од над 55%. Особено се истакнува нашата лидерска улога во проектното финансирање, преку која реализиравме значајни инвестиции во инфраструктурни и енергетски проекти од клучна важност за економијата, со пазарна партиципација од над 30%.
Стратешки гледано, ја зајакнавме позицијата на Банката не само како кредитор, туку и како доверлив финансиски советник и партнер. Шпаркасе Банка е број 1 Банка за големите интернационални компании во нашата земја со партиципација од близу 80%.
На корпоративните клиенти им обезбедуваме персонализирани решенија, комплетна палета финансиски услуги, кредитни и депозитни производи, custom-made решенија во платниот промет домашен и меѓународен, модерно мобилно банкарство за компании, напредна ПОС мрежа.
Во соработка со сите значајни меѓународни институции ЕБРД, ЕИБ и ГГФ овозможуваме лесен пристап до меѓународни фондови – зелени кредити и кредити со грант-компонента. А преку регионалната експертиза на Ерсте и Шпаермеркише Шпаркасе групацијата и локалното познавање, клиентите добиваат поддршка во секоја фаза од своето работење со што постигнавме значајно зголемување на бројот на корпоративни клиенти и зајакната доверба во нашиот бренд.

Капитал: Шпаркасе Банка е прв избор на банка и клучен партнер за големите странски инвестиции во земјата. Која е вашата стратегија, што е тоа што ја прави оваа Банка префериран партнер за меѓународните компании?

Недановска: Шпаркасе Банка е препознаена како прв избор на банка за странските инвеститори во земјата, благодарение на комбинацијата од длабоко локално познавање, како и врвно меѓународно искуство. Како дел од групацијата Ерсте и Штаермеркише Шпаркасе, имаме пристап до глобална експертиза, современи практики и финансиска поддршка, што им овозможува на нашите клиенти стабилност, сигурност и конзистентност во работењето.
Нашата стратегија е изградена врз принципот на партнерство и долгорочна доверба. Ние не нудиме само финансиски производи, туку целосна услуга – од анализа на локалната правна регулатива, транспарентен onboarding процес, структурирање на инвестиции и кредитна поддршка, до целосен cash management и управување со девизни ризици.
Горди сме што денес опслужуваме целосно или доминантно над 35 локални големи компании – ќерки на интернационални групации кои со години успешно функционираат на нашиот пазар. Како банка, наш приоритет во периодот што следи особено со очекуваното зголемување на бројот на странски компании во слободните индустриски зони, е да растеме заедно со нив и активно да ги придружуваме во секоја фаза од нивниот развоен пат во земјата. Вложуваме значајни средства во надградба на нивните tailor-made платежни решенија, а сме пионери во имплементација на иновативни концепти како SWIFT Net Score договори, МТ101 услуги и моделот на Payment Factory кои нудат мноштво брзи, ефикасни и интегрирани плаќања и поврзувања со централните финансиски хабови на овие компании насекаде во светот.
Она што следува е интегрирано cash management решение преку новата EBIC, која значително ќе им ги унапреди интернационалните трансфери.
Со воведувањето на EBICS како можност за нов канал се шири изборот на техничка можност за конекција на клиентите, а воедно ќе бидеме и единствена банка во С. Македонија која има сопствен EBICS HUB.
EBICS овозможува широк спектар на финансиски операции, вклучувајќи поднесување на налози за плаќање, преземање на изводи од сметки, управување со мандати за директно задолжување и безбедно пренесување на финансиски датотеки.
Паралелно, поднесуваме иницијативи за либерализација на нивните капитални и останати платежни текови на ниво на асоцијации, стопански комори во директна соработка со НБРСМ, што е поздравено од самите компании, како силен знак на поддршка и партнерски пристап.
Во последните неколку години, целосно го усовршивме и моделот на на RPA (Risk Sharing Agreements) со нашата матична групација Ерсте и Штаермеркише Шпаркасе. Нивната подготвеност да гарантираат целосно или делумно за кредитниот ризик на компаниите создава траен механизам за поддршка на поголеми инвестициски текови во иднина и ги прави нашите клиенти уште пофлексибилни и конкурентни. До сега во соработка со нашата групација имаме финансирано 30 кредитни партии кои ни биле под RPA.

Капитал: Со пазарен удел од над 30% и воспоставена репутација како експерти во проектното финансирање, како Шпаркасе Банка ја гледа идната перспектива на пазарот на зелено финансирање во Северна Македонија? Каков е потенцијалот, какви се очекувањата и каков е интересот на бизнисите за овој сегмент во следниот период?

Недановска: Овој сегмент ќе биде предмет на наш фокус и интерес и во периодот што следи, не само затоа што ги оптимизира трошоците на компаниите, придонесува за зголемени продажби и добивки, туку затоа што на долг рок сето ова ќе придонесе кон забрзана зелена трансформација на земјата.
Во овој домен имаме врвна експертиза и нудиме севкупна советодавна услуга и знаеме детално како да ги структурираме ваквите проекти.
Ги насочуваме клиентите во изборот проектантски и изведбени компании со докажани референци, го следиме процесот се до финална реализација.
Исто така, интензивно сме вклучени и во обезбедувањето соодветни PPA (Power Purchase Agreements) договори за откуп на електрична енергија тоест договори со различни видови и карактеристики, дизајнирани така што обезбедуваат стабилен готовински тек, и соодветно ниво на заштита и за банката и за инвеститорот. Да бидеш партнер, а не само финансиер, за мене е клучната додадена вредност во целиот процес.
Во иднина, компаниите може да очекуваат уште посилен ангажман од Шпаркасе Банка во надминување на бариерите што го ограничуваат подинамичниот развој на овој сектор, кој е од стратешко значење за државата. Тоа вклучува организирање работилници и состаноци со сите релевантни институции за олеснување на постапките за издавање дозволи, проверка на погодноста на земјишните парцели за ваков тип инвестиции, скратување на административните процедури во општините и обезбедување поголема предвидливост во добивањето енергетски приклучок, паралелно со локалните постапки.
Дополнително, ќе предложиме комплексни модели на PPA договори со делумно или целосно фиксни цени на подолги периоди и концепти како CfDs (Contracts for Differences), со цел повеќе проекти да станат банкарски одржливи. Очекуваме и засилена соработка со здруженијата на инвеститори преку конференции, работни групи и заеднички иницијативи.
На крај, имајќи го предвид системскиот предизвик со балансирање на системот со енергија од обновливи извори, меѓутоа истовремено и енергија од базни извори, ќе продолжиме да ги поддржуваме идните големи државни инфраструктурни проекти, особено во хидроцентралите и когенеративните гасни централи.
Секако, дотогаш она што веќе активно го правиме е поддршка во развојот и финансирањето на батериските системии – BESS (Battery Energy Storage Systems) за нашите нови и постојни фотоволтаични проекти, кои ќе значат зголемени приходи и готовински текови за клиентите преку продажна на складираната енергија по повисоки цени во нестандардните периоди на производство. Ова дополнително ќе го релаксира и проблемот на балансирањето на нашиот енергетски систем.
Со ова, ја потврдуваме нашата улога како банка со дведецениско искуство и традиција, која не само што финансира, туку стратешки го води развојот на енергетската транзиција во земјата.

Капитал: Малите компании се столбот на македонската економија. Како Шпаркасе Банка го прилагодува својот пристап кон микро, мали и средни компании и кои специфични производи или услуги нуди за поддршка на различните бизнис сегменти?

Недановска: Микро, малите и средни претпријатија се извонредно значаен сегмент од македонската економија. Истите, партиципираат со две третини во вкупниот број на правни субјекти, и ангажираат три четвртини од активно вработеното население.
Во претходниве 10 години, разгледувано на акумулирана основа, придонесот на МСП (малите и средните претпријатија) во вкупниот раст на економијата пораснал за 8%, додека придонесот во вкупната вработеност пораснал за близу 13%.
Токму затоа, сите чинители во економијата мора да работат на дополнителен развој на овој сегмент и на креирање продуктивен, ефикасен и динамичен сектор на МСП, кој ќе придонесе кон зголемен животен стандард,
Банкарскиот сектор, вклучително и Шпаркасе Банка, е целосно посветен на поддршката на микро, малите и средни претпријатија. Овој сегмент логично доминира во банкарските портфолија, а кај нас учествува со над 53%. Со оглед на улогата и важноста на МСП во целиот синџир на функционирање на економијата.
Достапноста до поволни финансиски средства е значително подобрена како резултат на високиот степен на ликвидност во банкарскиот систем. Она што во иднина мора дополнително да го унапредиме и во што Шпаркасе Банка активно ќе се вклучи е оптимизација на каналите за дистрибуција на овие средства до крајните корисници, како и развој на механизми за заштита од кредитен ризик преку гарантни шеми. Ова е особено важно со оглед на потенцијалното отворање на пристапните преговори со ЕУ, што би значело и поголема експанзија на фондови за финансирање разни проекти.
На крај, она што дополнително може да се очекува е финансирање насочено кон дигитализација и автоматизација на интерните процеси во компаниите, како следен чекор во подигнување на нивната продуктивност, ефикасност и конкурентност и дома и на меѓународните пазари.
Со овој пристап, создавањето силен и одржлив сектор на МСП станува реална, остварлива и заедничка цел.

Капитал: Шпаркасе Банка е препознатлива на македонскиот пазар по услугите кои ги нуди на инвеститори за тргување со хартии од вредност на домашен и странски пазар. Каков е трендот и интересот на македонските граѓани и компании во насока на ваков тип инвестиции и која е вашата улога во тргувањето со хартии од вредност?

Недановска: Препознатливи сме по сигурност и стабилност, а нашиот континуитет во брокерски услуги датира од основањето на Македонската берза. Нашата улога е јасна: обезбедуваме професионално посредување на домашен и странски пазар, со пристап до над 40 берзи преку глобалната мрежа на Ерсте Групацијата. Клиентите можат да тргуваат со акции, обврзници, државни хартии од вредност и ETF-и, со гарантирана сигурност и транспарентност со секоја трансакција. Со Шпаркасе Банка, клиентите имаат сигурен партнер кој обезбедува пристап до најдинамичните пазари во светот. Во последните години, интересот за тргување со хартии од вредност расте и кај домашните инвеститори, и на глобално ниво.
Во октомври 2025 година, вкупниот промет на Македонска Берза изнесуваше 1,69 милијарди денари, што е раст од 55% во однос на септември, но пониско ниво споредено со истиот месец претходната година.
Класичното тргување е намалено на месечно ниво од 346 милиони денари, додека блок трансакциите пораснале на 1,34 милијарди денари што претставува 79,5% од прометот. Вкупната пазарната капитализација на комапниите е зголемена на ниво од 380,3 милијарди денари, што е месечен раст од 0,86%, а индексот МБИ10 достигна 10.298,27 поени што е раст од околу 19% на годишно ниво.
Овие податоци покажуваат дека ликвидноста кај класичното тргување останува ограничена, но растот на индексот и капитализацијата сигнализира стабилност и умерен интерес кај инвеститорите.
Во однос на странските пазари, американскиот и европскиот пазар остануваат најдинамични, со силен раст на технолошки компании, тренд кој го забележуваме и кај нашите инвеститори.
На глобално ниво, 2024 беше година на силен раст на технолошкиот сектор и ETF индустријата. S&P Tech индексот порасна за 37%, а S&P 500 забележа раст од 23,3%, додека европските пазари имаа раст од околу 6%.
Во 2025 година, трендот продолжува со силен фокус на AI, cloud и semiconductor индустријата, а „Magnificent Seven“ компаниите остануваат двигатели на пазарот.
Покрај технолошките компании, инвеститорите особено оние со помали ризик апетити, се насочуваат кон диверзифицирани портфолија преку ETF фондови. Глобалните пазари се движат со силен импулс, поттикнат од очекувањата за пониски каматни стапки и раст на иновативни инвестициски можности. Современите инструменти овозможуваат лесен и ефикасен начин за учество на глобалните пазари, што ги прави овие решенија неизоставен дел од модерните портфолија
Шпаркасе Банка е апсолутен лидер на домашиот пазар во тргување со странски хартии од вредност, со над 45% удел во вкупниот промет со странски хартии од вредност реализиран преку домашните брокерски куќи. Ова ја потврдува нашата експертиза и довербата дадена од клиентите кои сакаат пристап до глобалните можности.

Капитал: Светската економија поминува низ период на длабоки промени, ММФ проценува дека светот влегува во продолжен период на послаб раст. Гледајќи ја 2026 година низ призма на македонската економија, кои се вашите очекувања за следната година?

Недановска: Гледајќи кон 2026 година, и покрај глобалните неизвесности, нашите очекувања за македонската економија се позитивни, но умерени. Очекуваме дека растот ќе биде поттикнат од инвестиции во инфраструктурата, зелени проекти и зголемена приватна потрошувачка, иако истата ќе биде повеќе ограничена споредено со нашите очекувања од пред неколку месеци, пред се поради новововедените порестриктивни макропрудентни мерки во кредитирањето на населението, од страна на Народната Банка.
Глобалните трендови укажуваат на побавно темпо на раст, но нашата држава има простор за подобрување преку подобра искористеност на европските фондови, подобрување на продуктивноста и дигитализација на јавните услуги.
Очекувам почеток на пристапните преговори со ЕУ, а со оглед на структурните реформи кои се досега реализирани, а не се малку на број. Очекувам и успешно да ги привршиме преговорите во следните 3-4 години.
Очекувам забрзување и динамизација на проектите поврзани со автопатната и железничката инфраструктура од Коридорот 8 и 10, посериозен пристап кон поголемите јавни енергетски проекти во поголеми базни капацитети за производство на електрична енергија, како и почеток на првите големи инвестиции во обновливи извори од страна на меѓунардни корпорации специјализирани за овие цели.
Понатаму, дури и во услови на намалени барања кои доаѓаат од нашите најзначајни трговски партнери од ЕУ, очекувам поради нашите конкурентни цени и можноста за државно субвенционирање да се вратиме на мапата на атрактивни инвестициски дестинации.
Очекувам целосно скротување на инфлационите притисоци кои ќе водат кон се поконкурентни каматни стапки и еден целосно нов инвестициски циклус. Ризиците секако постојат, но вреди да се надеваме дека ќе биде подобро посебно затоа што некои од останатите земји од Западен Балкан веќе покажуваат дека може да се носат се целата оваа динамика која ја посакуваме и кај нас.
Растот следната година би се движел меѓу 3,5 – 4% со нагорна динамика за понатаму.
Банките секако како и досега ќе бидат партнери на компаниите во целата оваа приказна, се што е добро структурирано и генерира повеќекратни мултипликаторни ефекти ќе го поддржуваат, финансираат и стимулираат.
Веруваме во иднината, и со силата на 200 години традиција, знаење и стабилност кое го имаме преку нашата матична групација, Шпаркасе Банка ќе продолжи да биде доверлив партнер, поддржувач на растот, иновациите и одржливата економска перспектива на нашата држава, за компаниите, граѓаните и идните генерации.



Преземено од: Kapital.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *