Како успеавте за краток временски период од „Media Lab Solution“ да созададете препознатлив бренд и маркетинг-агенција со висок кредибилитет?
-Успехот не го мериме низ времетраењето, туку низ фокусот со кој работиме. Од првиот ден, поставивме јасна цел, да не бидеме „уште една агенција“, туку да создадеме модел на работа каде што клиентите ќе добијат целосна поддршка и добро обмислена стратегија. Работиме со сериозни индустрии – осигурителни друштва, банки, фармацевтски регионални претставништва и останати индустрии каде што комуникацијата со публиката не смее да биде површна, туку прецизна, одмерена и доверлива.
Како изгледа еден работен ден во „Media Lab Solution“?
-Кај нас, секој член од тимот има право на глас, но и одговорност за тој глас. Секојдневно го охрабруваме тимот слободно да го изрази своето мислење, да постави прашање или да преземе каква било иницијатија за која смета дека ќе му помогне во креативното размислување, па дури и кога тие вклучуваат одреден ризик. Ги поддржуваме и идеите што водат кон нови насоки, бидејќи веруваме дека иновацијата расте токму од храброста да се проба нешто различно. Овој начин на работа е возможен само со меѓусебна доверба, секој знае дека ќе биде сослушан и ќе добие поддршка кога таа му е потребна.
Мојата улога како менаџер не е да контролирам, туку да создавам безбедна, отворена и релаксирана работна средина, и да поставам јасен систем на делување што води до квалитет, доследност и заеднички успех.
Можете ли да ни кажете кои маркетинг трендови што ја обликуваат маркетинг комуникацијата денес?
-Маркетинг-трендовите значително варираат и во најголема мера се обликувани од специфичностите на индустријата во која се применуваат. Не секоја индустрија дозволува применување на секаков тип на маркетинг. Во денешно време, имаме сè поголем број креатори на маркетинг-активности, кои пласираат сопствени идеи и содржини. Тоа е сосема во ред, особено кога се поддржуваат мали и локални бизниси. Но, кога станува збор за сериозни компании, не може да се дозволи нестручен пристап кон маркетирањето. Таквиот пристап може да предизвика сериозни и долгорочни последици за имиџот и функционирањето на компанијата.
Кршењето на стереотипите не значи дека мора по секоја цена да се воведе нешто ново само затоа што нам лично ни се допаѓа. Напротив, потребна е целосно осмислена стратегија, насочена кон вистинската публика. Исто така, при воведување новитети, од особена важност е да се преземат мерки за заштита од можните удари од конкуренцијата.
Како го оценувате влијанието на инфлуенсерите и кратките видеа како нов облик на рекламирање на социјалните мрежи, и какви предности или ризици гледате во ваквиот пристап?
-Секако дека ги поддржувам новите трендови и кратките форми на претставување, бидејќи публиката денес бара брза, јасна и впечатлива информација во овој голем наплив од содржини. Сепак, и овде мора да постојат правила и контрола. Се наоѓаме во време кога секој рекламира нешто, а многу од тие промоции се во рацете на искусни или помалку искусни инфлуенсери кои се обидуваат да направат „добра“ кампања, но резултатите изостануваат. Важно е да се сфати дека не секоја индустрија е погодна за хумористични видеа или лежерен пристап. Во сектори како што се финансиите, образованието или здравството, мора да се задржи кредибилитетот и професионалниот тон. Продажниот сектор и малите бизниси можеби поднесуваат повеќе експериментирање, но и тука ефективноста зависи од квалитетот на пораката, разбирањето на целната публика и контекстот во кој се пласира содржината. Како мал пазар, често се случува буџетот за промоција да се троши на импровизирани кампањи со минимална компензација, кои не носат никаков ефект. Мој искрен совет е секако да се консултирате со професионалци. Маркетинг-агенциите и нивните тимови ќе создадат долгорочна стратегија и креативни решенија кои навистина ќе донесат видливи резултати и вредност за вашиот бренд.
Вашата професионална биографија опфаќа долгогодишно раководно искуство во корпоративното управување на маркетинг-секторите во неколку големи компании, но и сериозно долг работен ангажман во високото образование. Како тоа се одразува врз начинот на кој управувате со агенцијата?
-Искрено, целосно. Корпоративното искуство ме научи што значи одговорност, што значи навремено донесена одлука и како се стигнува до резултати, а академските навики ми помогнаа да развијам критичка мисла, реална оцена и способност за долгорочна проценка. Денес, го применувам тој баланс во секојдневното управување, им давам слобода на луѓето, но секогаш очекувам повратна искрена информација и отчетност. Моето верување е дека добриот тим не се гради со контрола, туку со доверба.
Во последно време многу се зборува за разликите помеѓу формалното и неформалното образование. Каков е вашиот став за тоа, особено во светот на маркетингот?
-Не можеме, а уште помалку смееме, да ја изедначиме тежината на академското образование со краткорочните програми за преквалификација. Неколкугодишното студирање, магистерските или докторските студии, кои подразбираат сериозни истражувања и темелно стекнување знаење преку обемна стручна литература, не може да се спореди со неколкумесечна, макар и насочена обука.
Како човек кој долги години работел во универзитетска средина, одблиску ја разбирам вредноста на формалното образование, не само како збир на информации, туку како основа за критичко размислување, истражување и интелектуален раст.
Вие сте магистер по маркетинг менаџмент но вашите основни студии се од областа на информатичките науки. Што би им препорачале на младите студенти кои сè уште го бараат својот пат и идна професија?
-Најважно е да не се плашат од промени и да си дозволат простор за самоистражување. Тоа го сторив и јас. Како дипломиран инженер по информатички науки, со тек на време открив дека мојата страст и професионален интерес сè повеќе ме влечат кон маркетингот односно креативноста и комуникацијата со луѓето. Тоа ме охрабри да ги продолжам последипломските студии во таа насока и да го изградам својот професионален профил таму каде што чувствувам дека најмногу можам да придонесам.Младите денес имаат повеќе можности од кога било, но и многу повеќе дилеми. Мој совет е, слушајте се себе си, експериментирајте, поврзувајте дисциплини. Точно така, комбинирањето на техничко знаење со комуникациска умешност е клучен фактор за успех во многу современи професии. Техничкото знаење овозможува длабинско разбирање и решавање на сложени проблеми, но без способноста тоа знаење јасно и ефективно да се пренесе на тимови, клиенти или поширока публика, често останува неискористено.
Кои се Вашите следни активности и цели за Media Lab Solution во иднина?
-Мојата визија е во иднина да станеме пример за тоа како една домашна маркетинг агенција создава иновации, органски расте и успешно опстојува.
Среќен сум што покрај мене е одличен тим од млади ентузијасти кои неуморно ги следат сите трендови и иновации во маркетингот, а најважно од сè е што знаат што бара публиката, но и ги следат интерните правила на брендовите на компаниите за кои работиме. Верувам во нив и во она што секојдневно го создаваат.
Нашата најголема награда е довербата од клиентите. Тоа ни кажува дека сме на вистинскиот пат и дека динамично и будно ги следиме во секој чекор.
interview #marketing #agency #education #creativity #technology #career
Преземено од: Kapital.mk