Силвија Дамјани: Вредноста на луксузот со душа! Приказна за италијанскиот креативен дух преточен во Дамјани!


Силвија Дамјани

Ко-сопственик и Потпретседател на Damiani Group и Претседател на Venini

Капитал: Луксузот како културна вредност, а не само како статусен симбол … Објанете ни малку повеќе на оваа тема …

Дамјани: Индустријата за луксузни стоки е особено важна при промоцијата на културата во нејзиното пошироко значење. Всушност, луксузните производи се, пред сѐ, дефинирани од систем на вредности што ги прават „статусен симбол“, и тоа не само поради нивната впечатливост и цени.

Ако го земеме за пример нашиот накит, секое парче е рачно изработено од нашите вешти, врвни златари во Валенца – најпознатата и најстарата златарска област во светот – со техники што се пренесувани низ вековите, богата традиција што се трудиме да ја зачуваме и да ја пренесеме на идните генерации.

Во нашиот накит се вткаени страст и креативност, креативност што црпи инспирација од сѐ што нѐ опкружува, од природата, до богатата италијанска историја, како и од архитектурата, дизајнот, уметноста, книгите, филмовите… Секое парче накит „Дамјани“ претставува страст, креативност, мајсторство, вредности што се обидуваме им ги пренесеме на нашите клиенти. Луксузните производи претставуваат посветеност кон совршенството и креативност со длабока културна релевантност.

Капитал: Што значи „италијанско наследство“ во светот на глобалниот луксуз?

Дамјани: Италијанскиот дух е поврзан со толку многу аспекти, како што се историја, креативност, страст, мајсторство и око за детали и за квалитет, а за нас значи и семејство, затоа што семејството претставува безбедно гнездо на љубов и почит, во кое можеме да се засолниме. Дури и во свет на глобален луксуз, клиентите ги препознаваат и ги ценат овие вредности, и токму затоа голем број производи со ознаката Made-in-Italy се сметаат за најдобри на светот, не само поради нивната естетика, туку и поради вредностите што ги носат во себе.

Капитал: Која е позицијата на жените во бизнисот?

Дамјани: Иако има голем напредок кога е во прашање позицијата на жените во бизнисот, ни останува уште многу работа додека да постигнеме еднаквост, и секој од нас мора да го одработи својот дел за да ја забрзаме оваа промена. Во голем број случаи, жените сѐ уште имаат пониски плати од мажите и се мачат да воспостават рамнотежа меѓу професионалниот и семејниот живот.

За жените сè е потешко, затоа што мораме да сработиме повеќе и подобро од мажите за да ја докажеме нашата вредност. Горда сум што можам да кажам дека „Дамјани“ отсекогаш ги поддржувал жените, не само преку учество во хуманитарни настани и во меѓународни програми и иницијативи – еден од примерите е PinkCloud – туку и преку секојдневни активности, залагајќи се за вистинска еднаквост во секојдневниот живот. Нашиот накит е наменет претежно за жени, па секогаш ни било важно да ја слушнеме нивната перспектива, но ова не е единствената причина. Ние веруваме во огромната вредност на жените.

Всушност, денеска процентот на жени вработени во нашата компанија изнесува преку 70 отсто и тие покриваат голем број извршни позиции на глобално и на локално ниво, во Италија и во сите наши претставништва во странство.

Капитал: Вашата компанија е синоним за луксуз, но и за човечка приказна. Каде е границата помеѓу ексклузивноста и достапноста во денешниот свет?

Дамјани: Не сакаме да зборуваме за ексклузивност или за достапност, напротив, претпочитаме да размислуваме за квалитетот на материјалите, за наследството и традицијата, за мајсторството зад секоја креација на „Дамјани“.

Во „Дамјани“ обрнуваме огромно внимание на секој детаљ во секоја креација – од дизајнот, до реализацијата и изборот на суровини. Создаваме врвни парчиња накит за многу посебни пригоди, како и накит за секојдневна употреба, сѐ со истиот дух и мантра: квалитет, креативност, мајсторство. Секое парче накит, од најмалото до најголемото, е рачно изработено од наш врвен златар, со истите древни техники и со најдобрите скапоцени камења, затоа што квалитетот и креативноста не треба да бидат премногу „ексклузивни“.

Капитал: Како го гледате концептот на луксуз во мали, но културно богати земји како што е Македонија?

Дамјани: Луѓето во Македонија ги ценат квалитетот, уметноста, културата, автентичноста, сите вредности што се вткаени во концептот на луксуз, особено во брендови како „Дамјани“. Имаме многу сличности. Вака го објаснувам успехот на нашата куќа на овој културно богат пазар.

Во Македонија имате богати традиции и мултиетнички влијанија, па мислам дека овде луксузот оди подалеку од обично перчење и навистина се перцепира на културен и симболички начин. Вие цените брендови што не претставуваат само статусен симбол, туку презентираат големо мајсторство, наследство и ви овозможуваат автентични искуства, токму како што тоа го прави „Дамјани“.

Капитал: „Дамјани“ останува семејна компанија веќе три генерации. Кој е најголемиот предизвик, а која најголемата предност кога станува збор за ваков модел?

Дамјани: Според мене, најголемиот предизвик во семејните бизниси е поврзан со компетитивната средина. Честопати се натпреваруваме со големи финансиски холдинзи што имаат неограничени економски можности, и ова понекогаш ги отежнува работите, но ова е воедно и нашата најголема предност. Големите холдинзи често се фокусираат на краткорочни резултати за да ги задоволат инвеститорите, а ние се фокусираме на долгорочни цели. Се стремиме нашата групација да расте сè посилна и посилна, за идните генерации, за нашите деца, кои се надеваме дека ќе ја водат по нас. Ова ни дава издржливост и долгорочна визија.  

Нашето патување започна со мојот дедо Енрико, чии вештини како врвен златар наскоро го направиле многу баран меѓу истакнатите италијански благороднички семејства, кои му ја доверувале изработката на најексклузивни парчиња накит за нив. Мојот татко Дамјано, со своето одлично работење и со поддршката од мајка ми Габриела, го наследи, а неговиот креативен и пионерски ум овозможи силен иновативен поттик.

Така „Дамјани“ стана бренд, освојувајќи сè поширока меѓународна публика со своите иновативни дизајни, со комуникациските кампањи што вклучуваа светски филмски ѕвезди… знаете, тој беше првиот во оваа индустрија кој правеше вакви кампањи. По неговата трагична смрт во сообраќајна несреќа во 1996 година, компанијата ја наследивме Гвидо, Џорџо и јас. Со нас тројца на чело, „Дамјани“ ја прошири својата малопродажна мрежа и го забрза процесот на интернализација. Нашите вредности се пренесуваа од генерација на генерација, со страст и интегритет. Нашиот дедо Енрико ја основа компанијата пред сто години и му ги пренесе вредностите на нашиот татко, а потоа и тој нам. Имаме задача да ги заштитиме и да им ги пренесеме на нашите деца, четвртата генерација. Дополнително, за нас, компанијата е семејство, а семејството е компанијата. Ова ни дава сила во тешките ситуации и создава кохезивна и мотивирачка средина за нашите вработени.

Капитал: Што значи за Вас лична исполнетост во свет што постојано зборува за „успешни приказни“?

Дамјани: Економскиот успех честопати погрешно се сфаќа како лична исполнетост. Двете нешта не се совпаѓаат секогаш. Успехот се мери преку јавни награди, како што се богатството, цените или видливоста. Верувам дека личната исполнетост повеќе се темели на семејна љубов и на внатрешно чувство на спокој и среќа. Во мојот случај, среќна сум што имам работа што ја сакам, мојот татко ја нарекуваше „најдобрата работа на светот“, затоа што создаваме предмети со значење, што честопати ставаат печат на важни моменти во животите на други луѓе. Ова ми предизвикува огромна радост и исполнетост, но не е сè.

Имам приватен живот, семејство што ме прави многу среќна, но и други интереси, како што се филмот, уметноста, архитектурата, што ги негувам и што ми носат спокој и радост.

Капитал: Во Македонија, како и во Италија, има силни занаетчиски традиции. Дали ги гледате како основа за нов бран на „луксуз со душа“?

Дамјани: Да, сметам дека ова е еволуцијата на концептот на луксуз, сè поголема поврзаност со вредности како автентичност, историја, уникатност, страст и емоција. Концептот за луксуз е поврзан и со мајсторството и со вредноста на човекот. Луксузните производи треба да раскажуваат приказна, да пренесуваат емоции, страст. Треба да бидат уникатни, затоа што секое парче треба да е различно, неповторливо. Тоа е луксуз, според мене. Тоа е „Дамјани“.



Преземено од: Kapital.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *