Како за крај на годината Капитал имаше посебен мотив да ви претстави една прекрасна македонска деловна приказна. Полна со емоција, визија, приказна за, некој овде би рекол, невозможното во Македонија. Станува збор за малата винарија Дане Хермес што нејзиниот оснивач Дане Јованов ја сместил, како што самиот вели, во срцето на Македонија.
Оти Македонија му е во срцето …
Ова е приказна, една од повеќето објавени во Капитал, за македонските херои. Една од повеќето, но сепак, малку такви приказни. Не дека немаме многу херои, но реално македонската јавност е преокупирана, а на моменти и „удавена„ во она стерилно секојдневие на политиката во Македонија која едноставно, од ден на ден, сите ние полека сваќаме дека никаде не не води.
Значи раскажуваме приказна за еден локален македонски херој. Тој создава потенцијал во она што значи македонско винско производство и приказната за винскиот и руралниот туризам.
Малку време требаше Дане Јованов да стане мета на странските туристички групи, и медиумски експерти, особено во делот на винарството и бизнисот. Ако нас нè прашате околу тоа како да го подобриме туризмот во земјата, ние дефинитивно би рекле дека треба да ги вклучиме ваквите луѓе во сите приказни за промоција на Македонија надвор од нашите граници.
Во новогодишниот број на Капитал, во кој ја објавуваме редовната капитална Едиција за најголемите компании во Македонија, специјално ве водиме во селото Пепелиште, каде на само 2,5 километри од автопатот се наоѓа прекрасната винарија „Dane Hermes“ која во моментот ја има една од најубавите сали за дегустација на квалитетно македонско вино.
Семејната винарија „Dane Hermes Wine Estate“ постои од 2020-та година и важи за една од првите регистрирани семејни винарии во Македонија. Нејзиниот основач е еден од најпознатите македонски енолози и доктор по енологија (единствен во моментов кој се занимава со активно производство на вино).
Доктор Дане Јованов, своето долгогодишно искуство од преку 22 берби го стекнува прво во винарија Бовин. По Бовин, неговата кариера продолжува во градењето на винаријата Стоби од Градско, а својата карирера со работа во други винарии ја завршува во словенечката винарија Пуклавец Фемили Вајнс, каде прво ја води нивната винарија во Македонија, а подоцна станува член на УО на винаријата во Словенија и Директор за производство на целокупниот систем од три винарии. Импресивна кариера.
По долгодишното искуство, Јованов одлучува да отпочне нова и сопствена приказна.
Како дете кое потекнува од семејство на енолози, неговиот покоен татко Ѓорѓи Јованов – Хермес е еден од основачите на приватната винска индустрија, кој заедно со сопственикот на Бовин во 1999 година, ја започнуваат приказната на приватните винарии и политиката на квалитет на виното, наместо квантитет.
Јованов раскажува дека минатата година требало да донесе одлука дали да се пресели со семејството во Словенија, и да го води целокупниот словенечки ситем на винарии на Пуклавец Фемили Вајнс холдингот, или пак да остане во Македонија.
Големата љубов кон Македонија го натерала да остане овде и да ја продолжи генерациската традиција на производство на врвни вина од Македонија, но овој пат со 100% лична сопственост.
Што значи Dane Hermes Wine Estate?
Dane Hermes Wine Estate. Во историјата ќе остане запишано дека е основана во 2020 година и дека на почетокот тргнала со 25 хектари сопствени лозови насади. Просечно годишно производство во литри: 50.000L
Бутик винаријата на Дане Јованов Хермес, и вината што овој млад доктор на науки по енологија ги произведува, е рафиниран и многу јасен спој меѓу традицијата и современата наука. Станува збор за вистинска приказна со преку повеќе од 50 годишна емотивна, како што само може виното да понуди емоција, традиција на производство на високо квалитетни сортни вина.
Нaшиот founding father Ѓорѓи Јованов – Хермес се смета за еден од доајените во ова. Еден од основоположниците на македонската приватна индустрија за вино. Со преку 35 годишно искуство во подигање на лозови насади, и производство на квалитетно врно вино од Македонија.
Дане Јованов, неговиот посветен син, водејќи се од оваа традиција одлучува минатата година да се врати во Македонија. Да доинвестира во изградба на бутик винарија со годишно производство од 30.000 шишиња.
Но, интересен е фактот, а пазарните анализи тоа го покажуваат, е што вината на Дане Хермес, драматично го освојуваат македонскиот пазар и тоа на сите нивоа на популација која консумира вино. Вината од оваа винарија во моментот стануваат хит на домашниот пазар.
Понатаму, интересен е и влогот на авторитеот на овој млад и можеби единствен доктор на науки во Македонија од оваа област, што секое шише кое излегува од неговите погони, го носи неговиот потпис – Dane Hermes. Затоа што, како што самиот раскажува неговите вина се производ на неизмерна љубов, произведено со особено внимание и посветеност, и длабока почит кон уметноста на правење вино. И воопшто уметноста …
„Имено, од моментот кога грозјето е собрано, па се до финалното точење на виното во чашата, може да се почувствува токму таа љубов и посветеност кон култот на виното„, раскажува за Капитал, Јованов, и продолжува:
„Иако сме релативно млад бренд (официјално продаваме вино од почетокот на Април годинава) јас би рекол дека успехот се должи токму на тоа што го споменав претходно, а тоа е вистинската долгогодишна традиција во лозарството и винарството. Секако и сериозните инвестиции кои фамилијата ги има направено во лозарството, како и во бутик винаријата од друга страна„, објаснува Јованов, и продолжува:
„Во моментов, винаријата има инсталирано капацитет од 55.000 литри во инокс и 10.000 литри во дабови буриња. Плановите за наредната година се овој капацитет да се зголеми за нови 50.000литри во инокс и нови 15.000 литри во дабови буриња со што вкупниот капацитет за производство би дошол до приближно 100.000 – 110.000 литри. За овој нов деловен потфат и инвестиции, бутик винаријата Dane Hermes Wine Estate е пред потпишување на ИПАРД договор со соодветната платежна агенција„ вели Хермес.
Она што ке биде специфика и стратешка бизнис политика на винаријата, како што ни напомена Дане, е тоа што сепак годишното производство на вино во шишиња би се движело во рангот од максимум 50 – 60.000 шишиња. Со тоа квалитетот секогаш ќе биде загарантиран. Дополнителниот простор е потребен бидејќи црвените вина се зрееат минимум 18 до 24 месеци пред да се наполнат во шише.
Кои етикети ги поседува во моментов винаријата …
Во моментов бутик винаријата ги има веќе добро познатите етикети од Темјаника, Пино Гриџо, Олја Розе (Шираз), Пино Ноар, Мерло и Вранец.
Од почетокот на 2025 година планирано е и лансирање и на Каберне Совињон и една извонредна купажа (бленд) од Вранец, Мерло, К.Совињон и К.Франк за што Дане сеуште не сакаше да ни го открие името на ова вино. Симпатично објасни дека тоа е една од најслатките тајни во овој момент во колективот на винаријата.
Дане Јованов Хермес, после 20 години работење како Управител и Директор на производство во големите системи (во Македонија и Словенија), визијата и сопствениот раст го гледа токму во развојот на својата бутик винарија (смета дека ова е иднината на македонската винарска индустрија) со проширена понуда.
За таа цел неговата компанија ја има изградено и дизајнирано и една од најубавите дегустациони сали во Македонија која работи на принцип на претходно закажување. Како доказ дека овој концепт е исправен, за само неколку месеци од нејзиното отворање дегустационата сала се покажа како вистински хит, и стана многу позната ширум земјата, бидејќи секогаш се бара термин повеќе, и е посетена од страна како на домашните така и на странските туристи, а секако и од страна на деловниот свет од Македонија и од регионот, и што е важно од рециси целиот дипломатски кор во државата.
Па така на пример, од дипломатскиот кор винаријата ја имаат посетено ЕУ Амбасадорот Дејвид Гир, Амбасадорот на Австрија Мартин Памер, на Словенија Грегор Прескер, Амбасадорот на Црна Гора Зоран Миљаниќ, Амбасадорот на Полска Кристоф Гржелжик, Амбасадорката на САД Ангела Агелер, и други важни дипломати …
Неодамна Амбасадорот на Јапонија Казуја Оцука ја посети винаријата, придружуван од Директорот на Токио Симфониски Оркестар Казухиро Котетсу, кој, пак е и Вранец Амбасадор.
Инаку вистинска настан и голема атракција беше што меѓу првите гости на винаријата беше и балканската мега звезда Петар Грашо, личен пријател на Јованов, кој потпиша и едно од бурињата во барик делот на винаријата.
Јованов раскажува дека финалната етапа во рок од три до пет години ја гледа и во изградбата на повеќе апартмани во состав на винаријата. Апартманите ќе бидат наменети за ноќевање со што (како што вели самиот) би се заокружила комплетната понуда во агро-туризмот од една страна, а од друга страна секако дека ќе има и поволен импакт врз локалната економија.
Каква ќе биде иднината на вината според Дане Хермес ….
Во неодамнешното интервју за Блумберг Адриа, Јованов зборуваше за вината на иднината. Во тоа интервју, Блумберг забележа дека „можеби најдобриот одговор на прашањето како ќе изгледаат модерните вина на Македонија, го добивме во винаријата Dane Hermes Wine Estate. Оваа млада бутик винарија, која посветено ја изгради и ја предводи д-р Дане Јованов, суперѕвезда енолог со 22 берби под појас и наследник на познатиот Ѓоко Јованов Хермес, еден од основачите на приватната винска индустрија во Македонија. Совршено уредените импресивни лозови насади (20 ha) и палетата на вина од едно лозје на оваа винарија, иако помирени со локалниот тероар (микролокалитет Лепово), ја изнесуваат на преден план свежината на чистите вкусови, како можеби најважната компонента на Хермес. Семеен стил„.
Така објави Блумберг Адриа.
Јованов објаснува дека следно за потенцирање е елеганцијата и прецизноста, па затоа не е чудно што Темјаника, Пино Гриџо, Пино Ноар и особено розата Оља (Сира) во секоја капка оставаат впечаток на современи меѓународни вина.
Истражувањата покажуваат дека винскиот имот Дане Хермес го направи најхрабриот чекор во иднината со виното Вранец. На патување за кое, се чини, Вранецот копнееше.
Кога станува збор за одличните вина, треба да се каже дека патот за данскиот Хермес Мерло одамна е изгазен, бидејќи тоа е вино со голем потенцијал и карактер, кое за кратко време стана вино икона на винаријата
Го прашавме Јованов кои се главните предизвици со кои се соочуваат малите винарии при обидите за извоз на вино?
„Овде имаме повеќе аспекти и ова е доста комплексно прашање. Како прво малите винарии мора да имаат стандарден производ кој е во тек со новите трендови во производството на вино. А трендовите, од друга страна, континуирано се менуваат на секои пет до десет години. Како пример би го земал трендот од последниве неколку години на консумација на вино со понизок алкохол. Потоа кај црвените вина промена во правец на стилот кон полесни и попитки вина без претерување во употреба на дрво или популарниот таканаречен барик вино кој е доста популарен на Балканот, а кој веќе не е толку популарен во Европа и светот. Понатаму консумацијата на розе вина со пониска боја, понизок шеќер и така натаму. И сега овде се поставува прашањето колку кај дел од малите винарии имаат обучено кадар за да ги следат овие промени, за да знаат каков производ се бара на странските пазари. Оттука, заклучувам дека кадровиот аспект и хуманите ресурси се од голема важност во оваа индустрија. Понатаму, како втор аспект, би кажал дека за да имате таков производ кој што е во тек со светските трендови треба да имате инвестиции покрај во обучен кадар, но и во сериозна инфраструктура – овде пред се мислам на лозови насади. Се знае дека потребни се минимум 3 години од подигнување до првиот род. Понатаму потребни се пет до седум години за прв квалитетен род. Потребни се инвестиции во технологија за производство на вино како во инертизација, ладење, линија за полнење …„, раскажува Јованов и потенцира:
„Сите овие споменати работи пак од друга страна се во директна корелација со пристапот до финансии за основни и обртни средства. Пристапот до овие средства кај малите винарии е претежно отежнат, бидејќи немаат така силни релации со банките и пристапот до пазарот на капитал од една страна, а од друга страна учеството на странските саеми и манифестации, како и промоциите на вино во голема мерка зависат токму од пристапот до финансии. Потоа градењењето на свесност за брендот. Таканаречениот бренд авернес не е процес кој се одвива преку ноќ, треба да поминат многу години во перманентно инвестирање во брендот за да добиете препознатливост, и на тој начин да ја отворите вратата кон странските пазари. Прашање е колку малите винарии сами можат да го издржат тоа. Оттука, се јавува прашањето, а и потребата од здружен настап на малите винарии на странските пазари.
Каква е вашата стратегија, го прашавме Јованов …
„Токму во тоа што го споменав. Во моментов градиме силен бренд на домашниот пазар, а кога имате силен бренд дома ќе можете да бидете препознаени и на странските пазари. Силниот бренд дома се гради преку инвестиции во брендот, во технологијата и лозовите насади. Нашата стратегија е да донесеме колку што е можно повеќе луѓе дома – на нашите лозови насади, во нашата винарија, каде што луѓето изворно ќе можат да се запознаат со нашата производна филозофија„, вели Јованов.
„Понатаму, секако дека нудиме и додадена вредност на нашите производи и вина кои што се произведени на еден еколошки начин во сеуште недопрените предели на Македонија, а тоа е во срцето на Тиквешкото Виногорје и микролокацијата Лепово. Значи нашата стратегија е во убедување на клиентите во нашата винска филозофија и производството на тероар вина со додадена вредност. Но, по фер и достапни цени. Исправноста на нашата филозофија е во тоа што ние веќе имаме извоз на пазарите во Чешка, Германија, Словенија и Хрватска, каде што префинетите вински консуматори ја препознаваат нашата винска филозофија.