Љупчо Зиков: Ние мигранти таму, тие мигрантите овде! Што е тука нелогично!?Зошто македонските влади работат против сопствениот народ!?!


Дали сте размислувале почитувани читатели на Капитал која е најголемата македонска иронија? Тоа е сознанието дека секој македонски граѓанин овде познава барем еден човек – сосед, роднина или пријател кој живее во Германија, Австрија,  Швајцарија, Шведска, Англија, САД, Канада, Австралија, а во поново време Малта и Португалија. Доколку пак не познавате никој таков, тогаш најверојатно вие сте тој! Или сте на пат да станете мигрант.

Перцепцијата на македонските граѓани за својата земја денес е дека Македонија е се помалку земја со иднина за своите луѓе, а се повеке е аеродром. Чекална. Чикаго, Лондон, Њу Џерси, Виена, Минхен, Цирих. А повратниот билет никогаш не бил популарен во овие простори.

Денес сите се преправаме дека е случајно, дека е привремено, дека ќе помине. Но, вистината е дека ова е всушност единствениот вистински план што на Македонија и е на располагање со децении! Основната поента на планот е – како да ги натераат луѓето да си заминат, а сепак да испраќаат пари дома? Вистинска уметност.

Ако ова ви звучи како заговор стрпете се. Ова е состојба на умот отсекогаш во Македонија.

Низ сите фази низ историјата на голиот опстанок Македонците и сите македонски граѓани научија да живеат на минимум (на бандажи). Снајди се. Ако нема бизнис, има државна работа (политичка партија, плакати, малку мито и еве ти функција). Па тоа и плус малку бавча и земјоделство. Па што сакаш повеке!? М?. Еве ти и пет дена одмор на Халкидики и два викенди годишно во Солун со едно спиење. Нема автомобили, нема пари за нафта, но има автобуси. Ако има. Ако ти купи државата автобуси. И такатече животот по долината на Вардар, до денес кога најголемо достигнување и општа тема во државата, заради која треба да гласаме, е да ни ги исшистат улиците – ако сакаат, ако се смилуваат! Им благодариме на великодушноста!!! Ајде марш морони … ќе зборуваме за ѓубрето во кое се давиме, додека вие „товарате бродовите„! И така младите си одат … едноставно – кој ве е …е!?

И тогаш политичарите на овие простори сфатија „колку сантиметри е штиклата!

Тие сфатија – Зошто да градиме сериозна економија кога луѓето и онака преживуваат со малку? Нека одат во странство, нека испраќаат пари, а оние што ќе останат ќе се навикнат на минималната плата. Ним ке им дадеме „малку инфлација, малку приказни за големи капитални инвестиции, малку занимална во некоја странска инвестиција, малку растот на БДП ке биде 3,7% најголем во сончевата галаксија„.

А вистината е дека ако денес поминете низ Македонија (не само Скопје) ќе ја почувствувате оваа состојба на умот. Села во кои половина од куќите се празни. Огромни куќи, направени од дознаки. Алуминиумски врати и мермерни плочки. Празни. Сопствениците се во странство. Доаѓаат летото, палат скара, се сликаат за Фејсбук, а потоа повторно исчезнуваат.

И градовите не се ништо подобри. Преполовени. Денес тие се места од кои младите бегаат штом ќе завршат училиште! Македонците се мигранти. Отидоа.

Се селат во туѓ фрижидер. Странски. Ако ги погледнете економските извештаи, сè звучи оптимистички: раст на БДП и стабилност на инвестициите. Кога ќе излезете од дома, ќе видите нешто друго. Младите бегаат, цените растат, платите стагнираат. Минималната плата е минимална. Не би се викала така ако не ти е срам да ја земеш. А како да се преживее со минималната плата и во Македонија? Епа братот од Минхен испраќа 200 евра, сестрата од Цирих уште 100, и еве ви стабилен буџет. „Ќар до јајца„ што би рекле на кванташки.

Македонската економијата дише само затоа што работниците во странство се на „дијализа„. Тие ги враќаат парите назад. Да не беше дијаспората, половина од македонските граѓани веќе ќе беа во целосен банкрот. Владата го нарекува ова макроекономска стабилност. Младите луѓе по долината на Вардар имаат една занимација – чекање. Чекаат интервју за работа, чекаат врска во партијата, врска во министерството, врска во владата. Ги имаат сите телефонски броеви. Ако имаат среќа, наоѓаат работа за 500 евра. Ако не, си ги пакуваат куферите.

Оттука, вистината е дека стапка на невработеност кај младите е меѓу најголемите во Европа. Не ја гледаме оти тие македонски деца не се овде. Кој со македонски кој со бугарски пасош.

Во Германија диплома вреди три или четири пати повеќе, отколку во Македонија. Па кој е доволно луд овде? Овде се само спомените останати. Затворени се  фабрики во Македонија. Кој да плати професија и диплома на градежен инженер, земјоделски инженер, хемиски инженер. Нема фабрики и индустрија.  

Саркастично, Македонија денес не може да си произведе храна за сопствените потреби. Од комбинати за респект се сведовме на дворски бавчи. И будали, се разбира.

И додека владата потпишува стратешки партнерства, и се фотографира со инвеститори вакви и онакви, со најави за милијарди евра кредити, вистинското македонско производство го снема. Градовите што некогаш живееја од фабрики, сега живеат од кафулиња, кладилници, коцкарници и брзи кредити.

Македонците не инвестираат, не отвараат фирми, престанаа и да читаат. Се занимваат со партии и партиски демагогии и памфлети. Пијат кафенце по градските „дупки„, се кладат и се коцкаат. Такси не можеш да најдеш преку ден оти таксистите се во коцкарници, а од дома ги мислат дека возат.

Ете, затоа младите луѓе си заминуваат! Дали ви текнува!? Но, ова не ги плаши елитите, ова им го подигнува тестостеронот … Оти, кога има избори, политичарите одеднаш стануваат патриоти. Ќе ја запреме емиграцијата, ќе ги зголемиме платите, младите се нашата иднина. Штом ќе се пребројат гласовите, еве зголемување на цените на струјата и горивата, производите низ маркетите (запамтете зголемувањето на цените и одговара на Владата оти на повисоки цени пресметува повисок ДДВ и така го полни Буџетот и прикажува повисок БДП), потоа нови кредити, нови долгови. Затоа партиите најмногу нешто што мразат е сопствените гласачи. Тие што треба да ги убедат да гласаат за нив.

Исти луѓе, истите приказни и истата корупција. Ако си млад и не си во семејна мрежа, практично не постоиш. Системот јасно ти кажува: ако сакаш нешто од животот оди си. Додека си овде – стануваш рано, одиш на работа, ако имаш. Чекаш автобус кој доцни половина час и се расипува. Пристигнуваш во канцеларијата каде што нема опрема, но има шеф кој се однесува кон тебе како кон стока.

Ако ви треба лекар, чекате 3 месеци за преглед, бидејќи половина од лекарите веќе заминаа да работат во странство. Ако одите во општина, имајте подготвено плико, бидејќи без „мала пажња„, документите нема да поминат. Тоа е реалноста. Тоа не е проблем. Системот ти ја убива надежта.

И кога имаш работа, не чувствуваш дека утре ќе биде подобро. И затоа луѓето креваат сидро. И додека не си заминат луѓето по долината на Вардар се забавуваат: Реалити програмите се полни со турбо фолк што треска од секој автомобил. Социјалните мрежи се полни со луксуз што всушност никој го нема. Лага. Додека гледате како двајца лика се борат на српсо ријалити-шоу, или додека на Алфа тв гледате „Проводаџии„ вашето дете ги пакува куферите за заминување, а фабриката во вашиот град се претвора во див паркинг.

Дајте им леб и игри, или баничка, десетка со кромид, и турбо фолк, и тие нема ни да забележат дека половина село го нема.

Оттука, најголемиот инвеститор во Македонија, денес не е ЕУ, ниту Британија, ниту Грција, ниту САД. Најголемиот инвеститор е вашиот роднина од странство.

Дознаките од дијаспората сочинуваат многу над 15% од БДП. Димета што не мачи сите нас што малку разбираме на овие теми е дека без дијаспората, оваа земја  би се распаднала за една година ако не и помалку.

Совршено иронично. Стабилност која доаѓа од луѓето што избегале.

Македонија е тренинг камп. Тука се раѓаш, завршуваш училиште, учиш да преживуваш, а потоа излегуваш и го живееш својот живот таму далеку. Извоз на луѓе. Како можат да веруваат младите луѓе кога ги гледаат своите родители како работат за минимална плата, лекар како бега во Австрија, и политичар како краде пред камерите. И ти се смее, ако пред тоа не те натепа?

На македонскиот  циркус сите му го знаат крајот. Оти, овде се е лага и сите лажно се преставуваат. Политиката се преправа дека те сака , економијата се преправа дека расте, а луѓето се преправаат дека веруваат. И додека сите ние се преправаме, автобусите за излез од Македонија се полни секое утро. Дома си губитник, а надвор си странец. Изборот е твој.

Но, кој ќе живее во Македонија за 20 години? Ако продолжиме со ова темпо, половина од младите веќе ќе бидат во странство. А кој ќе ги лекува болните ако лекарите си заминат? Кој ќе гради мостови ако инженерите си заминат? Кој ќе ги копа полињата ако и работниците си заминат. Македонија ќе остане место  каде што странците доаѓаат по море и ракија. А нив ке ги служат црномурести мигранти дојдени од  Далечниот Исток, Азијаи Африка … Ние мигранти во ЕУ и САД … тие мигранти овде … Што има тука нелогично!?

Македонија како хостел.

Ќе дојде време кога селата ќе бидат празни, градовите полупразни, а владите сè уште ќе зборуваат за враќање на дијаспората. Чие враќање? Кој ќе се врати од плата од 3000 евра ЕУ на 500-600 евра во Македонија? Тоа е она што елитите совршено го разбираат. Доволно им е да се појавувате еднаш годишно, да трошите тие малку пари и постојано да испраќате евра дома кај вашите додека се живи. Потоа? Потоа – после мене потоп. Тоа е тој модел.

Државата ги брои еврата што пристигнуваат додега ги има. Се преправа дека сè има под контрола. Се чека светлата да се изгаснат.

Зошто македонските власти во сите 35 години независност работат против сопствениот народ? Оти така им е полесно затоа! Затоа што луѓето вредат повеќе во странство отколку дома. Затоа што елитите не живеат со вас. Тие живеат од вас и вашите пари.



Преземено од: Kapital.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *