
Mads Veggerby Lausten
Генерален Менаџер и Директор на Кластер Исток
Капитал: Мадс, имате големо искуство во Ново Нордиск, на различни позиции низ светот. Дали можете да го споделите вашето видување за компанијата? Како Ново Нордиск еволуираше во последната деценија?
Мадс: Во последните две децении, Ново Нордиск се трансформираше од регионално фокусирана фармацевтска компанија, во глобален лидер во здравството.
Во мојата кариера имав различни позиции во Данска, САД и Швајцарија, вклучувајќи односи со инвеститори, глобални финансиски позиции, како и Генерален Менаџер и лидерски позиции во бизнис регии.
Денес, како Генерален Менаџер и Директор на Кластер Исток, можам да видам како нашата експанзија во менаџирање на хроничните болести заедно со дигиталните иновации ја рефлектираат нашата еволуција.
Капитал: Подготвувајќи се за нашата дискусија за време на вашата посета на Скопјe, бев особено импресиониран како Ново Нордиск се идентификува повеќе како здравствена компанија, а не строго како фармацевтски ентитет. Можете ли да елаборирате што го дефинира Ново Нордиск?
Мадс: Ново Нордиск е дефиниран според својата мисија, а тоа е – да го унапреди здравјето кај луѓето со хронични заболувања. Ние постојано инвестираме во развој и најсовремени истражувања за да се справиме со некои од најважните здравствени предизвици во современото општество.
Сакаме да бидеме лидери во превенцијата, едукацијата и пристапот за да ги направиме нашите иновативни производи достапни за што е можно повеќе пациенти. Нашиот пристап и долгорочните партнерства со здравствените системи навистина нè прават организација фокусирана на пациентите.
Капитал: Градењето доверба во здравствениот сектор е од витално значење за долгорочен успех. Кои мерки ги приоритизира Ново Нордиск за да поттикне доверба и позитивно да влијае на јавната перцепција во општеството?
Мадс: Довербата се гради преку транспарентност, етичко однесување и вредности кои конзистентно ги испорачуваме. Ново Нордиск отворено, преку дискусија и дебатирање за најдобрите здравствени решенија, соработува со пациентите, здравствените работници и креаторите на здравствени политики. Еден од нашите приоритети е превенцијата и програмите за превенција, како и поседување на точни информации за хроничните болести.
Ние сакаме да ги победиме хроничните болести и да го унапредиме здравјето на луѓето. Преку кампањи за подигање на свеста за болестите, ги охрабруваме луѓето да побараат совет од лекарите и да дејствуваат рано доколку сметаат дека им е потребна стручна помош.
Капитал: Неодамна, Ново Нордиск објави стратешка одлука за намалување на својата работна сила за приближно 9.000 позиции, како дел од иницијативата за реструктуирање насочена кон оперативна ефикасност и иден раст. Ова соопштение покренува неколку важни прашања во врска со работењето и присуството на Ново Нордиск во Северна Македонија.
Мадс: Ново Нордиск објави трансформација на ниво на целата компанија. Основна цела на оваа трансформација е зголемување на нашата агилност и пренасочување на ресурсите кон нови можности за раст во областа на дијабетесот и обезноста, и со тоа да допреме до милиони нетретирани пациенти. Како што изјави нашиот Извршен директор, секогаш е тешко да се види како талентирани и ценети колеги си заминуваат од компанијата, но ние сме убедени дека ова е вистинскиот чекор што треба да се направи за да се обезбеди долгорочен успех на Ново Нордиск.
Наш приоритет останува обезбедување на пристап до континуирана грижа на пациентите, стремејќи се да допреме до милиони нетретирани пациенти во светот. Ние сме посветени на одржување на нашето присуство и поддршка во Северна Македонија.


Билјана Илиева
Генерален Директор Ново Нордиск РС Македонија
Капитал: Билјана, Вие сте Генeрален Директор на канцеларијата на Ново Нордиск во РС. Македонија и воедно работите долги години во компанијата. Што значи оваа одлука за локалниот пазар, особено во однос на пациентите кои зависат од производите на Ново Нордиск?
Билјана: Ново Нордиск своите почетоци во РС Македонија ги бележи далечната 1992 година. Со тоа што 19 години имам привилегија да бидам дел од мисијата на Ново Нордиск во РС Македонија. Можам да дадам ретроспектива, да зборувам за сегашноста, но и да погледнам напред во иднината.
Во изминатите 33 години, Ново Нордиск е континуирано присутен на пазарот, опстојувајќи дури во периоди кога дел од иновативните компании ги затворија своите операции во нашата земја.
Девизата на Ново Нордиск – пациентот во фокусот како примарен императив, не е само теорија.
Гледано од бизнис аспект, РС Македонија е мал пазар кој честопати не поттикнува голем интерес кај фармацевтските компании. Гледано низ призмата на Ново Нордиск, пациентите во Македонија се еднакво важни, ги имаат истите потреби и заслужуваат можности како и пациентите во другите земји.
Фактот што нашите вработени се жители на РС Македонија, ни дава уште поголема одговорност во нашето делување како дел од истиот систем. Никогаш не го забораваме фактот дека сите сме потенцијални пациенти и затоа работиме одговорно и етички на поттикнување на функционални и одржливи промени со што ќе оставиме трајно позитивно наследство во нашата земја.
Да ви одговорам на прашањето конкретно, Ново Нордиск и по повеќе од три децении присуство во Македонија ќе продолжи и понатаму со своите активности и имплементација на иницијативи за поттикнување на позитивни промени во животот на луѓето со хронични болести.


Капитал: Се чини како да постои дебата во врска со примарниот фокус на Ново Нордиск – дали е повеќе фокусот наклонет кон дијабетес или кон менаџирање на обезноста. Можете ли да ги образложите стратешките приоритети на компанијата во овој контекст?
Мадс: Ние не сме типична здравствена компанија. Во современиот свет на брзи решенија, ние се фокусираме на решенија за победа над сериозни хронични заболувања и создавање долгорочни позитивни здравствени исходи. Се фокусираме на сериозни хронични заболувања кои влијаат на стотици милиони луѓе и се меѓу најитните глобални здравствени предизвици. Дијабетесот и обезноста (дебелината) се хронични заболувања кои влијаат на луѓето, земјите и економиите низ целиот свет. Нашата стратегија ја препознава меѓусебната поврзаност помеѓу дијабетесот и обезноста. Ние продолжуваме да бидеме лидери во грижата за дијабетесот, истовремено проширувајќи го нашето портфолио за обезност. Овој двоен фокус е поттикнат од глобалниот товар на обезноста и нејзината улога во развојот на хроничните заболувања.
Капитал: Со оглед на зголемениот глобален фокус на обезноста како критичен здравствен проблем, како ја перцепирате поврзаноста на обезноста со јавното здравје? Каква улога има Ново Нордиск во справувањето со овој предизвик? Во истиот овој контекст, што би додале поврзано со состојбите во РС Македонија?
Мадс: Обезноста е комплексна, хронична болест со општествени импликации. Не е засегнато само здравјето, туку оваа болест влијае негативно и на квалитетот на животот на луѓето што живеат со обезност. Да не зборуваме за стигмата што сè уште е многу присутна во општеството, која што може да предизвика психолошко страдање и изолација на засегнатите.
Ново Нордиск има за цел да ги преобликува перцепцијата и пристапот на лекување – преминувајќи од обвинување, кон грижа која се базирана на наука. Ние ја поддржуваме едукацијата, иновациите и се залагаме за холистичко справување со обезноста.


Билјана: Кога станува збор за обезност во Македонија, податоците се фрапантни со тенденција за раст од година во година. Според податоците на Светскиот Атлас за обезност, во 2025 година во РС. Македонија, 30% од вкупното возрасно население живее со обезност или дебелина. Проекциите одат во насока дека до 2030 година, што би значело за само 5 години, дури 928.000 жители во нашата земја ќе се соочуваат со проблемот на прекумерна телесна тежина. Во овој контекст, РС Македонија влегува во категорија на земја со високи стапки на предвремена смртност од незаразни болести, при што обезоста се извојува како клучен ризик фактор.
Капитал: Здравствените системи честопати ги гледаат иновативните третмани како голем трошок. Според вашето богато искуство, зошто е важно овие системи да ја преиспитаат својата перспектива за менаџирање на обезноста како еден вид инвестиција во јавното здравје?
Мадс: Иновативните третмани може да изгледаат скапи, но ефикасното менаџирање на обезноста, со превенција, рана дијагноза и третман ги намалува долгорочните здравствени трошоци преку спречување на можните компликации. Ние се залагаме за промена на начинот на размислување на здравствените системи и пациентите кога станува збор за согледување на бенефитот наспроти трошоците.
Билјана: Имајќи во предвид дека дел од читателите не се со здравствена наобразба, ќе се надоврзам на одговорот на Мадс со официјалните податоци од Европската асоцијација за проучување на обезноста (EASO) за да ја доловам сериозноста на обезноста и финансискиот импакт на заедницата и системот. ***EASO обезноста ја поврзува со преку 230 коморбидитети/болести (хипертензија, срцеви заболувања, мозочен удар, дијабетес тип 2, одредени видови карцином, како карцином на дојка, дебело црево, ендометриум, влијанието врз репродуктивното здравје и плодноста, замастен црн дроб, системско воспаление, депресија, анксиозност и многу други состојби).
Имајќи ги предвид овие податоци и трошоците кои се генерираат за третмани, хоспитализации, како и дополнителното отсуство од работното место, влијанието на продуктивноста и мотивацијата, трошоците добиваат сосема друга димензија.
Најновите податоци од Светската глобална обсерваторија за обезност покажуваат дека во Република Северна Македонија во 2019 година, економскиот импакт на прекумерната тежина и обезост е проценет на 401.93 милиони американски долари, што е еквивалентно на 193 американски долари по глава на население или 3.2% од брутото домашно производство (БДП). Директните трошоци и индиректните трошоци претставуваа 14% и 86% од вкупните трошоци, последователно.
Загрижува фактот што до 2060 година, се предвидува дека економскиот импакт од прекумерната тежина и обезостaта во нашата земја ќе се зголеми на 1.9 милијарди американски долари. Ова е еквивалентно на 1,093 американски долари по глава на население и 5,2% од БДП, што претставува петкратно зголемување на вкупните трошоци.


Капитал: Како можеме да го промениме моменталниот преовладувачки наратив околу обезноста, од гледање исклучиво како личен предизвик, кон препознавање како поширок општествен проблем што бара организациско и општествено дејствување?
Мадс: Едно од најголемите недоразбирања со кои се бориме е дека обезноста е прашање на волјата на луѓето. Обезноста е хронична болест и здравствениот систем игра многу важна улога во справувањето со овој здравствен предизвик. Промената на наративот бара разбирање, кампањи за подигнување на свесноста и соработка со засегнатите страни и здравствените работници.
Обезноста мора да се гледа како споделена општествена одговорност што бара системски решенија. Со задоволство го нудам ова интервју – тоа е дел од нашата посветеност отворено да зборуваме за обезноста како болест и да им даваме информации на луѓето – постојат решенија за нив, како што е третманот со GLP-1, во комбинација со умерената физичка активност и промените во начинот на живот. И не заборавајте, лекарите се оние кои ќе им препорачаат индивидуализиран третман на своите пациенти.
Билјана: Ново Нордиск применува глобален холистички пристап кон справување со обезноста, кој го реализираме преку партнерства со релевантните институции и стручни асоцијации во Македонија.
Фокусот на обезноста е приоритет на нашата агенда, и заеднички работиме на развој на капацитети, особено преку едукација, подигнување на свесност и превенција. Сериозно ги поддржуваме иницијативите на институциите и асоцијациите.
До крајот на 2025 година, со поддршка од Ново Нордиск, Научното здружение за обезност на Македонија (ОБЕМ) и здравствените установи низ земјата ќе отворат девет Центри за менаџирање на обезноста, кои се планира да бидат акредитирани од EASO. Целта е да се обезбеди сеопфатна и достапна помош за сите граѓани во нашата земја, блиску до нивните домови, и да влијаеме позитивно врз здравствениот систем и општеството во целина.
Капитал: Билјана, бидејќи отворивте интересно прашање за влијанието на обезноста и покачната телесна тежина врз продуктивноста и мотивираноста на вработените, дали имате порака за бизнис заедницата и работодавачите?
Билјана : Благодарам што внимателно ме следите и детектиравте дека обезноста не е локализиран здравствен проблем со кој треба да се занимаваат само здравствените работници. Најпластично можам да одговорам преку најновите податоци на Европската асоцијација за проучување на дебелината (EASO) од 2024 година. Информациите колектирани од 26 (дваесет и шест) европски земји покажуваат дека лицата со прекумерна тежина или обезост имаат до 147% (2.47 пати) поголеми шанси да бидат отсутни од работа поради здравствени проблеми. Дополнително, истите овие лица имаат дури 121% (2.21 пати) поголема веројатност да бидат отсутни од работното место повеќе од 7 (седум) дена во период од 12 месеци.
Покрај поврзаноста со многу здравствени состојби, сакам да отворам интересна тема за која ретко се размислува. Овде мислам на поврзаноста на несоницата со обезностaта и покачената телесна тежина, во контекст на директното и индиректно влијание. Доколку не се превземат мерки, несоницата во краток рок може да предизвика значителни последици, вклучувајќи прекумерна дневна поспаност, когнитивни нарушувања, намалена работна ефикасност и сериозно влошување на квалитетот на живот.
Критичното влијание на обезностaта на појавата на несоницата, како и последичните ефекти на работната продуктивност и безбедноста на работниците, не треба да се игнорираат.
Најчесто поедницеот е фокусот на вниманието, но тука сакам јавноста и работодавачите да ги поттикнам да размислуваат за индирекното влијание на обезноста врз целокупното семејство.
Индиректниот ефект може да се илустрира како снежна топка, која започнува од поеднецот, се рефлектира на потесното и поширокото семејство, потоа работната средина, се зголемува низ времето и создава трансформации со растечка опфатност и широк импакт.
Токму поради директната и индиректната поврзаност на обезостaта и прекумерната телесна тежина со работоспособноста и продуктивноста, треба да размислуваме и да говориме за оваа тема како организационо стратешко прашање и општествен проблем.
Не случајно, Република Италија во Октомври 2025, во Сенатот донесе историска одлука со носење на сосема новиот закон за обезноста, признавајќи ја како хронична, прогресивна и рецидивирачка болест, кој бараат превенција, рана дијагноза и интегрирана грижа во рамките на Националниот здравствен систем.
Капитал: Какви се вашите проекции за менаџирање на обезноста во иднината? Како се позиционира Ново Нордиск за да биде лидер во оваа важна област?
Мадс: Како прво, преку градењето свесност дека обезноста е хронична болест која може да се реши преку мултидисциплинарен пристап. Иднината на менаџментот на обезноста е во раната интервенција, персонализираните терапии и интегрираната грижа.
Ново Нордиск е прва компанија што ја издигна оваа критична тема на досега невидено ниво. Со цел да бидеме лидери и понатаму во оваа трансформација и покрај тоа што поседуваме најсовремени третмани за обезност, продолжуваме и понатаму да инвестираме во GLP-1 терапии, уреди лесни за користење и администрирање на терапијата, дигитални алатки и стратешки партнерства.
Преземено од: Kapital.mk
