Душко Чифлиганец: Лицето на модерното градежништво


Со Душко Чифлиганец се познавам лично неколку години, практично од самите почетоци на неговото вклучување во семејниот бизнис на Адора, еден од најголемите брендови во градежништвото во Македонија. Прилично млад, на 22-23 години го фрлија во оган што се вели, за да се челичи и учи, прво, од неговиот татко проф. д-р Ванчо Чифлиганец, човек којшто ги носи со себе искуството и мудроста што од тоа произлегува, а потоа и од неговата постара сестра Драгана Д. Чифлиганец, којашто во меѓувреме прерасна пополека во одмерен и стабилен бизнис лидер на новите генерации.

Душко веројатно е производ на сето она што го впил од постарите, но со сопствен „зачин“ на оригиналност и иновативност, постојан стремеж да се биде во тек со светските трендови, да се прават зданија чиишто жители нема да бидат само задоволни, туку и среќни со својот избор. Такво здание треба да биде и 21st Century Zlatibor Residence, Spa & Wellness, објект на чијашто градба Душко Чифлиганец е фокусиран како проект – лидер периодов, инвестиција на Адора вредна околу 15 милиони евра, на планината Златибор во соседна Србија.
Со најмладиот од топ менаџментот на Адора, или сега веќе Adora Business Group, разговаравме подетално околу најновиот проект на групацијата, но и за многу други работи: неговите погледи за лидерството, односот помеѓу животот и бизнисот, вложувањата во акции во странство, криптовалутите…

Душко, со вашето доаѓање во тимот на Адора, пред нешто повеќе од 5 години, во компанијата се почувствува и реализира сериозен стремеж за иновации, проектите со потписот на Адора добија еден нов и навистина уникатен печат и шарм, почнавте да создавате недвижности со кои може да се пофалите и на светската сцена. Каква порака сакавте да испратите за големината и значењето на вашиот градежен бренд? Раскажете ни повеќе.

Вистина е. Мојот татко, проф. д-р Ванчо Чифлиганец, основач на Адора инженеринг и прв човек на компанијата, заедно со мојата сестра Драгана Д. Чифлиганец, за 20 години успеаја да ја издигнат Адора во лидер на македонската градежна сцена. Како еден од најзаслужните фактори за тоа беше исклучителниот квалитет на нашиот производ, што секогаш бил и во иднина ќе биде наш најголем адут и приоритет.

Со моето приклучување во работата, после завршувањето на моите студии во Дубаи, град што важи за колевка на недвижности кои ги поместуваат границите, Адора влезе во една нова насока на креирање на нашиот производ. Главниот мотив беше фактот што со растечката глобализација, луѓето сè повеќе патуваат и гледаат најразлични усовршени архитектонски проекти низ светот, а со тоа добиваат желба да живеат во исти такви. Во Адора чувствуваме желба и пред сè одговорност како предводници во високоградбата во нашата држава, да им пружиме прилика на нашите купувачи и македонската јавност да бидат дел од проекти од таков вид и во Македонија.

Првично, се фокусиравме кон сериозна анализа и согледување на кои сè начини нашиот производ можеме да го приближиме кон импресивните градежни зданија што имаме прилика да ги видиме во Дубаи и во други развиени градови, и со тоа да ја одредиме проектната задача во иднина. Проектна задача во која интензивно продолживме да го унапредуваме квалитетот, преку примерот со иновативниот систем на звучна изолација кој што првично го претставивме во нашиот Flatiron, пионерскиот систем на органската фасада, итн.

Новиот правец на работење, што морам да кажам дека не секогаш беше лесно да го наметнам, особено што во тоа време бев многу млад и со многу ограничено работно искуство, дополнително значеше и целосно нов, пионерски начин на размислување во нашиот јазик на проектирање. Акцент ставивме на дизајнот каде што ниту една ситница не беше оставена на случајност, туку многу внимателно разработена, увоз на технологии од најсофистицираните светски пазари на недвижности, стратешки партнерства со останати глобални real estate developers од кои што купувавме знаење, безброј академии, работилници и патувања, со цел тимот и јас да научиме што повеќе. Консултации со највисоко реномирани Европски проектантски студија за внатрешен дизајн, и најмногу од сè: Инспирирајќи се самите себе на еден нов, целосно креативен и 100% посветен начин да ги ставиме темелите на story telling недвижностите во нашата држава.

Да не го заборавиме фактот што тој производ го понудивме по просечна македонска цена, а колку за споредба, во регионот и глобално слични недвижности се продаваат неколкукратно поскапо. И морам да признам дека сум исклучително среќен и горд. Среќен сум што Адора ги надмина очекувањата на нашите купувачи на тогашните актуелни наши проекти Flatiron и Diamond Garden, и горд што останатите фирми од фелата почнаа да даваат напори да ја следат нашата насока, да излезат од комфорната зона на проектирање што дотогаш може да се каже дека беше присутна и де факто после нашите два пионерски signature проекти во Македонија, брендираните недвижности по малку станаа пракса во нашата држава. Секако, тоа за нас претставува мотив во иднина секогаш да бидеме чекор напред.

Треба да работиме за да живееме, а не обратно

Кој е патот што треба да се изоди за да се изгради лидерство, што треба да се поседува, а што треба да се научи, што е она по што се разликувате генерациски, на пример од вашиот татко, кој е еден од најуспешните бизнисмени во земјава, што прифаќате, а што сакате вие да наметнете како новини на модерниот градежен пазар?

Напорната работа секогаш го победува талентот. Односно, со други зборови, да, одредени луѓе поседуваат природен афинитет за да ги инспирираат и водат останатите на начин кој резултира со успех. Но, сето тоа без напорна работа, константно усовршување и студиозност во постапките е само ‘рѓосан клуч кој не може да ја отвори вратата.

Јас и мојот татко и директор во многу работи делуваме на сличен начин, што веројатно е логично бидејќи тој е мојата најголема школа. Меѓутоа, во некои други работи се разликуваме. Ќе посочам еден пример, кој повеќе може да се поврзе со приватниот живот. Еден од неговите животни слогани гласи: Животот е работа, работа и само работа. Да бидам искрен, јас гледам поинаку и не го поддржувам во целост толку нагласениот кариеристички пристап. Доколку сакаме долгорочно да сме исполнети, животот треба да се состои од добар баланс помеѓу љубов, семејство, пријатели, одмор, спорт и многу останати мали работи кои даваат шмек, топлина и боја на нашето секојдневие.

Честопати, малите работи од приватниот живот знаат да нè инспирираат и на деловно поле. Исто така, сметам дека одморот и квалитетот на работната средина се одлучувачки фактор во продуктивноста. Јас и тој сме имале различни појдовни точки во животот и мојот досегашен животен пат е далеку полесен, што веројатно е изворот на различното размислување во овој поглед.

Но, сепак верувам дека сите ние овде треба да работиме за да живееме, а не обратно. Што се однесува конкретно на работата, новото време секако носи и некои целосно нови производи, но голем дел од бизнисите, како што е градежништвото работат на производ што постои одамна, а со текот на времето тој само се усовршува, модернизира. Таа модернизација бара од лидерите да имаат исклучителна способност да внимаваат и посветуваат време на деталите.

Во новото време малите детали ја креираат големата слика, и ги диверзифицираат најдобрите од останатите. Мојот досегашен успех на проектите, каде што јас бев проект – лидер, се заснова токму на исклучителната работа посветена на маргините, односно деталите. И верувајте, многу често количината на вложено време во одредена работа има поголема улога во нешто дали ќе испадне убаво или не отколку вложените пари во истото. Ова е сегмент за кој што можеби повозрасните генерации немаат толку трпение како нас помладите.

Велат во кризни времиња се препознава визионерството, и покрај пандемијата и мораториумите за градба кои што беа воведени во земјава изминативе три години, отворивте нови можности, Adora Business Group периодов многу е актуелна со своите бизнис активности во соседна Србија, па објаснете ни од што беа инспирирани и водени вашите инвестициони одлуки?

Да. Нашата инвестиција во Златибор, Србија е многу адекватен пример и одлична илустрација за флексибилноста и исклучителната важност на способноста за брза адаптација што компаниите мора да ја поседуваат во денешната деловна средина. Адора подолго време работеше на започнување на инвестициони активности во градежништвото надвор од границите на нашата држава. Со започнувањето на пандемијата неизвесноста стана огромна, и сите наши дотогашни анализи повеќе не беа релевантни.

Но, набрзо го идентификувавме Златибор на Европската мапа како едно од многу ретките места каде што продажбата на недвижности е всушност драстично зголемена со почетокот на пандемијата. Направивме дополнителни согледувања, воочивме дека Златибор е дестинација која се наоѓа во огромна експанзија и има растечка популарност и делувавме брзо. Дел од дополнителните пресудни фактори што ја мотивираа нашата одлука беа пуштањето во употреба на најдолгата гондола (жичара со кабини) во светот токму во Златибор, како и локациската поставеност што го сместува на само неколку десетици километри од соседните Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Одличната инфраструктурна поврзаност за чија потреба моментално, иако е планинска туристичка дестинација, во завршна фаза е изградбата на автопати кои што ќе го поврзуваат Златибор со Белград и големите градови од соседните држави, фактот што заедно со Хвар, се дестинации со најголем број сончеви денови во поранешна Југославија, а научни студии го посочуваат како воздушна бања на Балканот – сето ова се одлучувачките фактори врз нашата инвестициона одлука. Потоа, изградбата на трговски центар од сериозен карактер во центарот на Златибор и други фактори што навистина отскокнуваат во споредба со останатите планински дестинации. Правилноста на нашата одлука беше потврдена од фактот што Златибор во третиот и четвртиот квартал на 2020 година постигна повисока просечна продажна цена на недвижности, отколку Белград.

Инвестицијата на Златибор ќе биде дефиниција за планински хедонизам

Низ српската бизнис фела веќе се слушаат пофални зборови за вашиот 21st Century Zlatibor Residence, Spa & Wellness by Adora, потврдувајќи дека на шлагот не му треба многу време да исплива на врвот. Иако македонската јавност е веќе запознаена со целиот проект, раскажете ги деталите зад иновативноста на овој концепт кој вие го нарекувате паметен начин на инвестирање во недвижности?

Методот, според кој го осмисливме нашиот 21st Century Zlatibor Residence, Spa & Wellness, инвестиција вредна околу 15 милиони евра во двата правци, е идеален спој помеѓу нашата желба за креирање на високо – квалитетни недвижнини и остроумноста за создавање на профитабилни бизнис модели.

Имено, се работи за резиденцијален комплекс со 100 апартмани во самиот центар на Златибор, проследен со содржини како што се лоби, базен, спа и велнес центар, фитнес сала, сала за состаноци, ресторан, детска игротека и двор за релаксација, па оттука доаѓа и водечкиот слоган на проектот Дефиниција за Планински Хедонизам!

„Паметниот начин на инвестирање во недвижности“ се состои во следното: купувачите ги добиваат своите станови целосно опремени со внимателно дизајниран мебел и покуќнина до најситни детали. Подоцна преку нашата ново формирана Adora Hospitality Group, ние ги издаваме во име на сопствениците и комплетно се грижиме за истите како и за целиот комплекс. На овој начин, сопствениците добиваат стабилен пасивен приход и до 8% годишно без никаква инволвираност од нивна страна. Главната предност на овој модел е што во било кој момент, сопствениците можат да ги користат своите недвижнини во времетраење според нивна желба.

21st Century Zlatibor Residence, Spa & Wellness е инвестиција вредна околу 15 милиони евра во двата правци, станува збор за резиденцијален комлекс со 100 апартмани, пропратени со содржини како што се лоби, базен, спа и велнес центар, фитнес сала, сала за состаноци, ресторан, детска игротека и двор за релаксација, па оттука доаѓа и водечкиот слоган на проектот Дефиниција за Планински Хедонизам! Паметниот начин на инвестирање во Златибор значи дека купувачите ги добиваат своите станови целосно опремени, ги користат кога сакаат и колку сакаат, а во останатиот период новоформираната компанија Adora Hospitality Group ги издава, а сопствениците добиваат стабилен пасивен приход и до 8% годишно.

Би сакал да потенцирам дека единиците на имотен лист се водат како станови, не апартмани или слично. Сакам исто така да потенцирам дека овој бизнис концепт го креиравме врз основа на фактот што во Златибор туристичката сезона трае буквално 365 денови, со блага предност на летната сезона во однос на зимската. Овие факти дополнително ги поткрепивме со студиозни пазарни анализи кои покажаа дека просечен апартман во Златибор е зафатен околу 200 дена во годината. За крај, успешноста на овој концепт ја осигуривме со тоа што во нашата Adora Hospitality Group имаме партнер со огромно искуство и успех на ова поле. Ентериерното уредување за класичните станови доаѓа во две варијанти modern и contemporary design помеѓу кои купувачите може да избираат, додека penthouse становите доаѓаат исклучиво во нашата 21st Century Zlatibor Signature Collection линија.

Penthouse становите се опремени со камини на природно дрво, имаат огромни тераси од над 100 м2, опремени со приватно џакузи и планински поглед што навистина остава без зборови. Тие претставуваат шлаг на проектот и да, навистина веќе во Србија можат да се наслушнат муабети дека 21st Century Zlatibor by Adora навистина ќе биде најдобрата дестинација за планински одмор во државата.

Во проектирањето на комплексот, дизајнот на сите содржини и ентериерното уредување на становите се вклучени врвни имиња од соодветните полиња, дизајнот на објектот сигурни сме дека го вклопивме перфектно во дадената микролокација, што за нас секогаш е примарна проектантска цел. Така што огромно е задоволството што успеваме да се потврдиме како бренд на српскиот пазар на недвижности што во овие моменти е страшно конкурентен и се присутни некои од најголемите real estate светски имиња. Комплексот се гради со полна пареа, и завршетокот е планиран за пролетта 2022 година, што секако зависи од студената златиборска зима.

Дали инвестицијата во Србија значи дека кревате раце од бизнис активностите во Македонија, или имате спремно капитал за камбек штом се створат услови за тоа? Еве, мораториумот падна на Уставниот суд, се откочи градежната иницијатива во Центар, дали ќе продолжите таму кај што застанавте?

Во Адора сè уште имаме желба да инвестираме во градежништвото во Македонија, и со тоа пионерски да продолжиме во создавањето на високо квалитетни и иновативни решенија за домување за нашите граѓани. Мораториумот падна на Уставен суд, но изминатиов период сме сведоци на случувања поврзани со одредени активности во градежништвото, урбанизамот и правото кои не влеваат позитивна доверба и ветер во грб кај нас инвеститорите. Во меѓувреме ги доработуваме нашите проектни решенија во насока на барањата на институциите за да добиеме oдобрение за градење, бидејќи укинувањето на мораториумот не значи автоматска можност да се гради.

Aдора инженеринг од неодамна ја именувавте како Adora Business Group или Адора Бизнис Групација, со почетокот на освојувањето на пазарите во Србија, Грција, а можеби и пошироко, дали ова значи обединување на сите компании под капата на Адора?

Адора Инженеринг е се’ уште именувана исто, тоа е нашата матична компанија и името не би го смениле никогаш. Adora Business Group го создадовме како термин со цел полесно да ги претставиме сите компании под капата на Адора со едно име. Нашата градежна фирма претставничка во Србија, ja именувавме Adora Living Solutions, бидејќи сакавме името да навестува дека Адора не продава повеќе само квалитетни станови, туку целосно решение за живеење и со тоа бизнис. Во исто време ја создадовме и нашата Adora Hospitality Group, веќе сте запознаени дека под капата на Адора имаме и останати фирми, па со цел да не звучи збунувачки, одлучивме заеднички да ги претставуваме тие компании како членки на Адора Бизнис Групацијата.

Интерес во јавноста побуди и вашата соработка со Ѓоковиќ Фондацијата во Србија? За што конкретно се работи?

Со соработката со Фондацијата „Новак Ѓоковиќ“ ја продолжуваме нашата длабоко врежана општествено одговорна корпоративна традиција секогаш да враќаме нешто назад во средините во кои имаме деловни активности. Се работи за општествено одговорен проект, каде што Фондацијата Ѓоковиќ целосно изгради нова градинка во селото Љубиш, што се наоѓа на неколку километри од Златибор, а ние преку нашата фамилијарна „Фондација проф. д-р Ванчо Чифлиганец” и Adora Living Solutions се вклучивме како главни партнери во проектот. Огромна е честа да се соработува со фондација од глобален ранг, а среќата и задоволството што придонесуваме за подобро образование во најраната возраст, чијшто квалитет сметаме дека е клучен за подобро утре, се неизмерни.

Јас лично вложувам во акции во странство, а на криптовалутите не сум фан

Позната е големата изложеност на Adora Business Group, односно семејството Чифлиганец на домашниот финансиски пазар, преку значајниот удел во Комерцијална банка. Што мислите пак, за инвестирањето во странски хартии од вредност? Вложувате ли вие лично или пак како компанија на странски берзи?

TINA или There is no alternative е познат акроним прокламиран од Вол Стрит. Во превод значи дека не постои подобра инвестициона алтернатива отколку берзанското вложување. Морам да кажам дека господата од Вол Стрит не се далеку од вистината со ова тврдење. Доколку го гледаме индексот на американските берзи низ децениите, долгорочно тој секогаш оди нагоре, односно, едноставно кажано на долг рок, секогаш ќе добиеш.

Секако, не е ни малку едноставно како што звучи. Има многубројни фактори кои што го движат пазарот, кои мора будно да се следат доколку сакаме да го намалиме ризикот и да ја зголемиме добивката. Странските берзи во голема мера се разликуваат од Македонската берза и често знаат да бидат многу поагресивни, односно флуктуациите на краток рок се поизразени и почести, така што тајмингот за купување исто така е клучен во берзанското тргување.
Минатата година беше доста интересен случај за берзите низ светот, и верувам дека ќе биде предмет на многу истражувања, литератури и авторски трудови во иднина. Имавме пад што беше ни малку пријатен за било кој инвеститор, по што следеше енормно отскокнување нагоре. За најголем дел од берзанските инвеститори минатата година беше многу плодна, но ќе видиме како тоа ќе се пренесе на резултатите од оваа година. Јас лично сум фан на берзанското вложување и вложувам средства на странските берзи и засега можам да кажам дека прилично ме служи среќата.

Што мислите за криптовалутите? Жешка тема периодов, сите светски медиуми, аналитичари и сл., пишуваат за овој феномен. Се интересирате ли за бекграундот на оваа приказна, за блокчеин технологијата, за промените што се очекуваат во делот на финансиските трансакции на глобално ниво? Дали самите би инвестирале во биткоин, етер, или некоја друга криптовалута?

Блокчеин како технологија е одлично нешто и верувам дека во иднина ќе најде примена во многу сфери од животот и работата. Но, кога зборуваме конкретно за криптовалутите, морам да кажам дека не сум баш љубител на овој „феномен“ како што ги нарековте. Ако размислиме, не се контролирани од ниту една централна банка ниту институција, што значи дека никој нема било каква одговорност ниту ингеренција врз истите, ниту јас лично не гледам јасна поткрепа за нив. Искрено, за мене тоа влева доза на несигурност. Дополнително, за вредноста на истите многу малку се знае според кои фактори варира, секојдневно гледаме огромни осцилации без поткрепени причини, доживеаја огромен раст во исклучително кратко време, што е нетипично за било која валута, ниту има поткрепа за истиот.

Некој можеби истото би го кажал и за берзанското тргување, но постои голема разлика. Кога зборуваме за тргување со акции, зборуваме за тргување со удели во компании кои што извршуваат дејност, приложуваат финансиски резултати, имаат надзорни органи и тела кои што ја следат нивната работа, додека криптовалутите едноставно се наоѓаат во таканаречен облак, ниту пак точно знаеме како се одредува нивната вредност.

Едноставно, криптовалутите не се во согласност со мојот личен стил на инвестирање и работа – јас преферирам студиозни показатели и одлуките ги базирам на факти и опипливи работи, што не е случај со криптовалутите. Секако, ова е само мој личен став. Веројатно, постојат луѓе што заработиле и во иднина се надевам ќе заработат солидно со овој вид на вложување.

Како размислувате за она што се случува во светот денес – пандемија што никако да заврши, невиден технолошки развој, но и море од лажни вести, конфликти, опасности?

The only certainty is uncertainty, или во превод „Единствено сигурно е несигурноста“. Можеби звучи застрашувачки, но за жал вистинито.

Пред почетокот на Ковид пандемијата, која за жал го натера човештвото да сфати дека и не сме толку софистицирани и семоќни како што можеби имавме претстава за себе генерално како вид, поголемиот дел од светот беше во еден огромен таканаречен занес, економска, технолошка и експанзија од секаква бизнис природа.

Работите, годишно се менуваат со интензитет за што претходно била потребна деценија. Дигитализацијата бележи огромен раст, а Ковид пандемијата додаде неверојатно забрзување на тој процес. Почнавме да ги заменуваме валутите што постојат децении наназад со криптовалути. Нафтата се заменува со електрична енергија, со брзина поголема од очекуваната. Глобализацијата веќе не е нешто ново, туку стандард во светот итн. И во кулминацијата на таа експанзија, глобалната Ковид пандемија дојде како судиско свирче за тајмаут, за кој никој не беше ни малку подготвен. Досегашните последици од пандемијата се евидентни и нема потреба да ги коментираме, а за тоа што ќе следи во иднина може само да дискутираме, а со сигурност, мислам дека никој не знае.

Моментално светот е на средина на еден исклучително важен макро и микро економски тест, од кој всушност зависи одржливоста и оправданоста на самото постоење на економијата. Влегуваме во процес на голема глобална инфлација која за дел од бизнисите, на пример градежништвото е повеќе од евидентна, а некои други бизниси набрзо ќе се соочат со истата.
Сè уште комуникацијата на луѓето и логистиката е отежната, што секако не му помага на економското закрепнување. Глобалното задолжување расте. Нестабилноста на светските берзи е огромна, истите реагираат бурно и на најмали информации од секаков вид што тешко е да се предвидат однапред. И најважно, ние не зборуваме за изолирани економски предизвици на одредени пазари. Се соочуваме со пред сè здравствена криза во секој дел од светот, што секако го одзема фокусот на владите, ги цеди драстично ресурсите на државите, влева страв кај граѓаните за своите животи, па економијата некако оди на подолно место на листата на приоритети, и исто така од исклучителна важност, ја променува перцепцијата на размислување кај луѓето.

Во однос на бизнисот, она што е сигурно и евидентно повеќе од било кога е концептот Modernise or Die. Односно, секој бизнис мора најпрвин да се навикне да биде комфорен кога е некомфорно. А потоа, да биде крајно адаптабилен, флексибилен и да трча ако сака само да остане на истото местото. Поговорката Весникот од вчера не важи денес е апликативна повеќе од било кога во модерното време. Единствениот начин да се опстане е да се стремите кон најновото, најнапредното, најиновативното или што би рекле на Запад – ‘at the cutting edge’.“



Преземено од: Kapital.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *