Светските берзи периодов се соочуваат со драстичен пад на вредноста на акциите, „распродажби“ какви што не се видени од големата светска финансиска криза во 2008 година, а во некои случаи и од „дот.ком балонот“ од 2001 година.
Војната во Украина, политиката на Доналд Трамп со царините и мигрантите, инфлацијата во светот ја зголемија несигурноста и предизвикаа „совршена бура“. Ги урнаа цените на компаниите од голем број индустрии. Особено се погодени акциите на технолошките компании, оние коишто изминативе неколку години доживеаја свој златен период и историски највисоки ценовни нивоа.
Трпение и без паника!
И додека безброј инвеститори, особено оние помалите, коишто штедат за пензија и сл., се фаќаат за глава и се прашуваат што да прават во вакви услови на хаварија на берзите, „стариот волк“ Ворен Бафет вели дека одговорот е едноставен: Пробајте да не се секирате премногу околу сето ова.
„Би им рекол на инвеститорите да не го гледаат пазарот секоја минута и секунда од денот“, кажал Бафет за CNBC, во период на поголеми пазарни флуктуации.
„Пророкот од Омаха“ отсекогаш велел дека инвеститорите коишто купуваат акции во „добри компании“ постојано, ќе видат резултати на подолг рок: 10, 20 или 30 години.

„Ако се обидувате да спроведувате купи – продај тактики, нема да имате добри резултати, напротив, може да отидете и во загуба. Пари се прават преку долгорочно инвестирање во добри компании, се’ друго е шпекулација и коцкање“, смета Бафет. Овие совети добро ќе им дојдат и на македонските инвеститори коишто изминативе 2-3 години се вклучени во инвестирање на странските берзи, најмногу американската, откако законската регулатива овозможи купување хартии од вредност во странство за физички лица и компании. Тоа претходно беше возможно само индиректно, преку купувањето удели во домашните инвестициски фондови, коишто потоа ги инвестираат на странските берзи.
Многумина експерти, вклучувајќи го и Бафет, исто така препорачуваат купување удели во т.н. индексни фондови, коишто автоматски се диверзифицирани и практично на тој начин ја поседуваат секоја акција во одреден индекс. На пример, индексот S&P 500, ги вклучува големите брендови како Apple или Amazon.
Влези – излези тактиката ќе ви се удри од глава
Исто како и Бафет, и легендарниот, сега покоен, инвеститор Џон Богл, препорачувал стратегија на долгорочно поседување акции од компании. Тој своевремено има кажано дека таквиот начин на инвестирање е најдобар затоа што „емоциите ќе ве поразат доколку се обидете да ги продавате акциите во паника, на тој начин сакајќи да избегнете загуби и потоа да се вратите на пониски цени“.
„Задржете го курсот. Не дозволувајте промените на пазарот, па и оние големите (како рецесија и сл.) да ве премислат, и никогаш, ама никогаш, не правете влези – излези на берзата. Секогаш бидете внатре.“
За повеќето инвеститори, многу веројатно е дека доколку се обидат да реагираат на пазарните трендови, тоа ќе им се удри од глава, велат финансиските експерти. Подобро е да се чека да поминат големите осцилации.
„Ако имате диверзифицирано портфолио, ако купувате удели во индексни фондови и сл., и имате зацртано долг период на оплодување на вашите пари, најдобро е едноставно да се возите по овие ролер-костери на пазарот“, вели за CNBC Make It, Аштон Лоренс, сертифициран финансиски планер и партнер во Goldfinch Wealth Management.
Инвеститорите коишто продаваат кога пазарот оди надолу, можат да ги уништат своите долгорочни планови, вели Шон Пирсон, финансиски советник во Ameriprise Financial.
„Пазарите никогаш не остануваат на дното. До моментот кога работите ќе изгледаат малку подобро, пазарот веќе закрепнал. И ако го испуштите тоа закрепнување, има многу голема шанса да си го отежнете остварувањето на вашите финансиски цели“.
Затоа, наместо секојдневно да ја проверувате состојбата на вашето портфолио, едноставно игнорирајте ги случувањата, колку и да ви изгледаат катастрофално, вели Пирсон.
„Јас сум професионален инвеститор веќе 20 години и не сум погледнал во моето портфолио од почетокот на моите вложувања. За многумина да го прават ова истото може да е најдобриот начин да спијат мирно во овие турбулентни моменти“.
Преземено од: Kapital.mk