Знаете што … Македонија „ни крива ни должна„ сепак ќе го продолжи својот пат во преговорите со Европската Унија. Она што ќе биде важно и секако многу непријатно со овие генерации кои сега се бутаат во јавната администрација (партиски и етнички) е што Брисел, кога ќе дојде времето, ќе биде немилосрден и нема да го интересира ниту балансерот ниту законот за правична застапеност.
Кога ке дојдат тие глави и кластери на дневен ред за преговарање европските комесари ќе испорачаат обврска за реформа со рок во кој ќе кажат – имате многубројна администрација и треба да ја намалите за, на пример, 40% до 50%!? Тоа време ќе дојде за две, три до пет години.
Љупчо Зиков
Одамна пред да се отвори темата за балансерот, нападно и арогантно, како што го гледаме нејзиниот расплет деновиве, во едно телевизиско интервју кажав дека јас балансер знам дека постои едиствено кај вулканизер. Кога одите да ги поправите гумите и тркалата на вашиот автомобил.
Се изнасмеавме со водителот иако нему не му беше сосема јасно што сакам да порачам со таа изјава!? Што сакав да кажам …?
Кога одите на вулканизер ќе ги залепите гумите, ќе ги напумпате, но ако се и нови, ќе морате да ги избалансирате (оние оловца од страна што ги ставаат) за да автомобилот продолжи да се движи стабилно кога ќе го возите … Да не тресе.
Со пржинскиот договор Македонија доби балансер кој деновиве е укинат. Суштината на тој балансер е да се прави некаква си етно рамнотежа со вработувањата. Каде? Па во јавната администрација …
Вулгаризирано објаснето тоа отприлика значи дека партиите, особено тие на власт (македонски и албански, и другите етнички приколици) треба да се избалансираат во списоците што ги прават во нивните штабови и потоа ги праќаат на реализација во јавната администрација (министерства, установи, агенции, болници, јавни претпријатија, акционерски друштва во државна сопственост …).
И тука следи егзекуцијата … се вработуваат лица кои се запишани на списоците направени во партиските штабови, претходно усогласувани меѓу коалиционите партнери во Владата. И тоа е тоа.
Тука има една формула за која многу малку се води сметка. Тоа е моментот дека колку повеќе вработувате, на пример Македонци, балансирано морате да вработувате и Албанци …. за да бројот во администрацијата биде пропорционален на договорената формула.
За професионалната стручност, адекватност на работното место, компетенции и што е работено во минатото многу не се води сметка … Па дури сомнително е и со дипломите за високо образование! Тука има се и сешто …! Сите бегаат од таа тема.
И така годините наназад расте бројот на јавната администрација во Македонија (сега околу 150.000)!? Администрација која во голема мерка е партиски уредена, дефинирана, партиски е мотивирана, а реално специфичната тежина и е нула. Освен во некои јавни сектори од критична важност за државата каде се ангажирани инженери, програмери, физичка сила со посебни важни знаења и така ….
Е сега … два месеци македонската јавност е измрцварена со тоа, де ќе се укине балансерот, де нема да се укине … Се прави првокласен политички проблем, па и скандал за кој бескрајно се дебатира и на телевизии и по портали. Ликови трошат по цели саати на скапата телевизиска програма пењавејќи се да наметнат темпо дебатата да заврши на крајот – колку повеќе ќе се троши од државниот Буџет (владата за 2025 година пред два три дена го дефинираше на 6,5 милијарди евра). Бидете уверени, главната тема е тоа во државата. И секогаш било така.
Па, на крајот се изнаоѓа некое соломонско решение дека наместо балансер, сега ќе се правел Закон за правична застапеност на вработувањата. Каде? Па во јавната администрација се разбира!? Значи не врат, шија … целта останува иста, а правот во очите на јавноста е дека нешто драматично се менува. Суштински ништо не се менува.
А за тоа што се случува со постојните вработени во јавната администрација, кој чив е по промената на власта во некоја следна прилика … Овде само кажам дека речиси и да нема случај, а прашање е и дали има начин да отстраниш вработен од администрацијата. Нема такво нешто. Администрацијата единствено се намалува преку контингентот пензионери секоја година. Менаџирање овде на друг начин нема …
А постојат цели сектори на човечки ресурси кои ова демек треба да го менаџираат, предлагаат мерки … и така натаму … Се е тоа празно место во системот. Форма без суштина. Ставете само нога внатре и до пензија сте решени … Залегнете, бидете послушни и немојте да правите проблеми, и се е решено. Синдикатот стои зад вас. Таа моќна стерилна државна машина.
И така, полека полека македонската јавна администрација стана една посебна каста во државата … таму нема нарушени ниту меѓупартиски односи власт – опозиција, ниту нарушени меѓуетнички односи. Таму е „свет од чоколада„ … сите „лижат сладолед„!? Еден колосален губитнички менталитет. Свет на полностронство. Едните чекаат другите да дојдат, а притоа да не наебат.
МН: Како да се смени овој менталитет?
Поентата во денешниот текст. Овде имам три клучни поенти:
Прво, води ли некој сметка за големината на македонскиот државен Буџет (процентот на расходите за плати, социјални давачки и други трансфери од буџетот во однос на процентот за капитални инвестиции и други слични трансфери кои треба да бида во функција на растот на БДП).
Второ, што мислат овие млади луѓе што сега влегуваат во администрацијата? Дали мислат дека ќе ја дочекаат пензијата таму?
Трето, размислува ли некој нормален во државата наместо да се малтретира јавноста со балансери за јавна администрација, да ја смени плочата, и во ова општество да почне да се разговара за претприемништвото, приватните инвестиции, малите и средните претпријатија!? Нели е тоа подобра опција за млад дечко штотуку влезен во светот на креаторите, создавањето и адреналинот? Зошто младите луѓе губат време? И што прави државата за приватниот сектор да го дизајнира со разни погодности да тој стане атрактивен?
Знаете што … Македонија „ни крива ни должна„ сепак ќе го продолжи својот пат во преговорите со Европската Унија. Она што ќе биде важно и секако многу непријатно со овие генерации кои сега се бутаат во јавната администрација (партиски и етнички) е што Брисел, кога ќе дојде времето, ќе биде немилосрден и нема да го интересира ниту балансерот ниту законот за правична застапеност.
Кога ке дојдат тие глави и кластери на дневен ред за преговарање европските комесари ќе испорачаат обврска за реформа со рок во кој ќе кажат – имате многубројна администрација и треба да ја намалите за, на пример, 40% до 50%!? Тоа време ќе дојде за две, три до пет години.
„Пилците„ сега што влегуваат во администрацијата тогаш ќе имаат по 32 до 35 години возраст. Нагоре високо, надолу длабоко … Така залегнати и неподготвени за борба за живот на улица во реалниот приватен сектор, сосема легитимно ќе останат своевидни социјални случаи. И повторно проблеми, скандали, терет на државниот буџет.
Оттука, не знам дали некој размислува на овој реален иден развој на настаните. Прашувам, дали во овој предлогот на премиерот за Стратегија за долгорочен развој на Македонија (едно десет такви сретнав во мојата кариера) е предвидено и ова.
Ако е предвидено, тогаш клучната тема во оваа држава мора да биде развојот на свеста кај граѓаните за претприемништвото и можноста за лесно отворање и финансирање на сопствен бизнис. Само така може да се отвори една нова квалиетна перспективна приказна кај новите генерации македонски граѓани, и само така може да се задржат дома во Македонија без да размислуваат животот да го продолжат во државната бирократија.
За тоа да се случи потребни се големи реформи … и законски, но и промена на свеста. Потребни се конкретни проекти и енергија за департизација на процесите. Како?
Воведување на финансиско образовани, приватен ангажман и инвестиции, во основните и средните училишта, наметнување на темата – што значи финансиска слобода, инвестирање и создавање сопствен бизнис …? Како државата преку програми ова може да го поттикне (конкретни мерки кои се веќе спроведени во Словенија, Естонија, Данска …). Помагање на стартапите, а не нивно скандализирање. Правење сцена од оваа тема, а не оставени на стихија децава не знаат каде тераат.
Стартап заедницата е многу важна за општеството. Можеби не толку поради проектите што ги лансира (најголемиот дел од тие проекти не се успешни), колку поради мотивот кај таа популација да се одважи и да почне да работи нешто свое. Менталитетот што го создаваат. Таа популаци мора да го задржи мотивот оти така се создава карактерот на нацијата. Тој важен, толку важен за сите нас победнички менталитет.
Постои еден апсурд овде по долината на Вардар … Од една страна устите им се полни со тоа дека сакаат да го задржат македонскиот граѓанин дома да не се исселува. Од друга страна со сила го бутаат во јавната администрација (на расходната страна на Буџетот). Се штанцаат универзитети кои имаат печатници на дипломи, а немаат знаење. Тие дипломи пак завршуваат во јавната администрација.
Доколку се отвори големата тема за приватната иницијатива, инвестициите и претприемаштвото, верувајте ќе дојде и до спонтана реформа на универзитетите и она што се дефинира како доживотно учење. Тоа му фали на македонскиот граѓанин. Тоа го подигнува „тестостеронот за креирање и менталиетот на победа„!
Синдикатите кои постојат сами за себе и за лидерството што ги води не можат да генерираат нов „тестостерон„ со темата за минималната и просечната плата која како и да свртиш завршува во буништетот каде „волот сепак наградата на крајот од денот ја добива во вид на слама„.
Преземено од: Kapital.mk