Александар Сарџовски
Главен извршен директор на ЕДС
Ова интервју со главниот извршен директор на ЕДС, Александар Сарџовски го правиме во време кога енергетскиот сектор се соочува со брзи промени. Зголемени барања за одржливост, но и нестабилност на цените, Компаниите и потрошувачите бараат сигурни партнери кои можат да понудат стабилност, иновации и долгорочни решенија. Заклучокот онака на прва е дека ЕДС, како дел од најголемата енергетска групација во Југоисточна Европа – PPC Group, се чини токму тоа го нуди на пазарот.
Она што е ново е тоа што неодамна, ЕДС излезе со нова понуда на пазарот. Со оваа понуда оваа компанија влегува во нова фаза на развој: се проширува понудата на снабдување со струја, се воведуваат иновативни тарифни модели, и се става акцент на дигитализација, енергетска ефикасност и поддршка за компаниите во нивната транзиција кон зелена енергија.
Со Александар Сарџовски на ова место разговараме за новите визии и стратегии на ЕДС. За иднината на енергетскиот пазар во Македонија и глобално, како и за тоа што значи за бизнисите фактот дека ЕДС е дел од регионален енергетски гигант (PPC Group) со над 8,8 милиони корисници.
Капитал: Како главен извршен директор на ЕДС, кои се Вашите приоритети во оваа фаза на развој на компанијата?
Сарџовски: Како дел од најголемата енергетска групација во Југоисточна Европа – PPC Group – нашиот фокус е на три клучни области: стабилност на снабдувањето, иновација и транзиција кон одржливи енергетски решенија. Ние сакаме да им понудиме на нашите клиенти доверлив партнер кој не само што обезбедува електрична енергија, туку и вредност, поддршка и предвидливост. Ја модернизираме понудата, го дигитализираме корисничкото искуство и инвестираме во одржливост.
Всушност, сакам да подвлечам дека, нашиот фокус е на иновативност, стабилност и засилена ориентација кон клиентите. Сакам да порачам дека ЕДС продолжува да ја гради и зацврстува својата позиција како сигурен и долгорочен партнер за деловните корисници на слободниот пазар. ЕДС е компанија во чиј фокус се корисниците. Работиме на решенија кои се прилагодуваат на реалните потреби на компаниите.

Капитал: Веќе неколку години наназад ЕДС е дел од грчката компанија PPC Group, што ова значи за компанијата? Кои се бенефитите за вашите клиенти?
Сарџовски: Тоа значи стабилност, технолошка поддршка и пристап до знаење и искуство од еден енергетски гигант. PPC Group има вкупен инсталиран капацитет од 12,3 GW, присутен е во Грција, Романија, Италија, Бугарија, Хрватска и Северна Македонија, и опслужува над 8,8 милиони корисници. Преку оваа соработка, ние обезбедуваме сигурност во снабдувањето, конкурентни цени и пристап до зелени и дигитални решенија – сето тоа прилагодено на специфичните потреби на бизнис заедницата.
Капитал: Неодамна лансиравте нова понуда на тарифни модели за снабдување со електрична енергија. Што ја прави оваа понуда посебна?
Сарџовски: Ова се иновативни пакети што прв пат се појавуваат на нашиот пазар. Тие се наменети пред сè за малите и средните компании. Секој од тие пакети нуди различен степен на сигурност и флексибилност. Од фиксни цени во определен период, до можност за динамично приспособување според пазарни движења.
Во овој момент имаме понуда на два пакети од кој првиот е „Без обврски“ и е идеален за компаниите што сакаат поголема флексибилност. Станува збор за модел каде корисникот плаќа единечна цена од 12.99 денари за киловат – час. Има можност месечно да одлучува дали ќе продолжи со нас, без никаков договорен обврзувачки рок. Единствениот услов е да нè извести 15 дена однапред доколку сака да ја прекине соработката.
Втората понуда е наменета за оние компании кои бараат сигурност на подолг рок. Доколку се одлучите за 12 – месечен договор, добивате значително пониска цена – 10.49 денари за киловат-час. Дополнително, за првите шест месеци од соработката, корисникот ќе добие вкупен попуст до 3.000 денари, што е значајна заштеда. Наскоро ќе понудиме и други тарифни модели скроени согласно побарувањата од бизнисот.
Она што е заедничко е дека сите модели се дизајнирани да им помогнат на компаниите подобро да го планираат трошокот, да избегнат ценовни шокови и да имаат целосна контрола врз својата потрошувачка.
Капитал: Колку се подготвени македонските компании за вакви иновативни решенија?
Сарџовски: Она што не радува е дека се менува свеста. Особено по енергетската криза. Се повеќе менаџери сакаат предвидливост. Токму затоа, нашите модели се атрактивни – со нив нудиме не само електрична енергија, туку и совети, анализа на потрошувачка и избор според реални деловни приоритети.
Капитал: Зелената транзиција е актуелна тема низ цела Европа. Каква е улогата на ЕДС во овој процес во државава?
Сарџовски: Како компанија што е дел од европска групација, чувствуваме обврска, но и имаме капацитет да бидеме предводници на зелената транзиција. Работиме активно со компаниите на концептот за „зелена потрошувачка“. Нудиме снабдување со електрична енергија од обновливи извори и поддржуваме проекти за енергетска ефикасност. Веќе сега голем дел од нашите клиенти се снабдуваат со 100% зелена енергија.


Капитал: Како компаниите можат да потврдат дека користат зелена енергија преку ЕДС?
Сарџовски: Секој клиент кој се одлучува за зелениот модел на снабдување од ЕДС добива официјален „сертификат за потекло“ на енергијата од обновливи извори. Овој сертификат се издава според европските стандарди и претставува доказ за зеленото потекло на енергијата што ја користат. Тоа е особено важно за извозно ориентирани компании, кои треба да ги исполнуваат ESG критериумите (еколошки, социјални и управувачки) во своето работење.
Капитал: Кои се следните чекори за ЕДС? Што може да очекуваат клиентите?
Сарџовски: Нашата цел е да бидеме најсигурниот и најиновативниот енергетски партнер на енергетскиот пазар во земјава, кој во центарот на своето работење ги има потебите на своите клиенти.
Во периодот што следи, ќе ги зајакнеме нашите дигитални услуги, ќе лансираме нови пакети за бизниси од различни сектори, и ќе вложиме во едукација за одржливо енергетско управување. Клиентите можат да очекуваат професионален пристап, технолошка поддршка и партнер кој ги разбира нивните предизвици.
Капитал: Цените на електричната енергија беа тема број еден во изминативе две години. Какви се Вашите очекувања за движењето на цените во наредниот период?
Сарџовски: Цената на електричната енергија ќе продолжи да биде под влијание на повеќе фактори – меѓународниот пазар, геополитичките случувања, побарувачката и понудата, но и климатските услови. Затоа ние во ЕДС развивме модел кој им овозможува на клиентите да изберат фиксна или флексибилна цена, со што ја минимизираат изложеноста на ризици. Клучно е бизнисите да планираат однапред и да изберат енергетски партнер кој може да им понуди предвидливост и поддршка.
Капитал: Каков е Вашиот став за идниот развој на енергетскиот пазар кај нас, но и во Европа? Кои трендови ги гледате како најважни?


Сарџовски: Енергетскиот пазар е пред голема трансформација. Во Европа веќе се движиме кон децентрализиран модел на производство – каде потрошувачите стануваат и производители.
Во нашата држава, тоа допрва треба да се развие, но насоката е јасна – дигитализација, обновливи извори и поактивна улога на потрошувачот. Регулаторната рамка ќе мора да се усогласи со европските стандарди, а снабдувачите како што е ЕДС ќе играат клучна улога – не само како снабдувач на енергија, туку и како советници и партнери за одржливо енергетско управување.
Неопходно е секој развој на енергетскиот сектор, новините во технологиите за производство и складирање на енергија да се имплементираат со однапред добро подготвена стратегија во консултација со сите засегнати страни. ЕДС, како компанија која може да се пофали со исклучително искусен тим од експерти, стои на располагање да ги сподели своите анализи, знаења и информации со цел да се подобри енергетскиот сектор и како на бизнисот, така и на граѓаните да им се овозможи квалитетно снабдување со електрична енергија.
Преземено од: Kapital.mk