Каква е иднината на работните места во постпандемичното време
Настаните од изминатата година драматично го забрзаа темпото на дигиталната трансформација на општествата во целина. Автоматизацијата во време на глобална пандемија се чини како нужен и неопходен чекор, а завршувањето на работата побезбедно и поефикасно се само дел од предностите на истата. Во Европа, индустрии со најголем ризик за губење на работни места како последица од КОВИД-19 вирусот, кризите потоа во годините и автоматизација се: трговија на големо и мало, производство, хотелиерство и угостителство и градежништво, според анализата на МекКинси (McKinsey).
Се смета дека дури 50% од работните места ќе бидат заменети со автоматизација на истите. Овој податок не мора да значи дека работните позиции ќе бидат заменети со компјутери, туку дека вработените ќе работат заедно со напредни машини што се развиваат многу брзо, велат од Бреинстер, платформата што помага во кариерно усовршување .
„Токму затоа преквалификација на работникот ќе биде клучна во наредниот период бидејќи, за 10 години од сега, се проектира дека 90% од работните места ќе бараат поседување на дигитални вештини. Младите, ниско квалификуваните и ранливите категории на граѓани се оние кои ќе имаат најголема потреба за да ги доразвијат или научат потребните вештини кои ќе ги наметнува пазарот на трудот.“, велат експертите за дигитализација.
Автоматизацијата, во тандем со економската криза предизвикана од Ковид – 19 пандемијата, како и воено безбедносните кризи и еконхомската криза поттикната од растот на цените и инфлацијата, предизвикуваат „голема главоболка“ за работниците ширум светот. Како што предупредува Светскиот Економски Форум, како дополнение на актуелните проблеми што за работната сила ги прават кризите на голем број светски економии, прифаќањето на нови технолошки решенија во компаниите ќе ги трансформира во голема мера задачите, работните места и вештините веќе годинава.
Според извештаите во време на короната до 2025 година, времето поминато на тековни задачи во работните процеси ќе биде еднакво помеѓу луѓето и машините, додека 43% од анкетираните бизниси планираат да го намалат бројот на вработени поради технолошките промени. Тоа веќе се случува.
Значителен дел од компаниите, исто така, очекуваат да ги променат своите локации, вредносните синџири, како и бројот на вработени поради фактори коишто немаат врска со технологијата, во следните пет години.
За утеха можеби ќе служи фактот што бројот на загубени работни места ќе биде надминат од бројот на “работните места на иднината“ што ќе се креира допрва.
Но, лошиот момент во сето ова е што креирањето на нови работни места успорува, додека губењето на веќе посточеки работни места забрзува.
Во отсуство на проактивни напори, нееднаквоста само може да расте поради двојниот ефект од технологијата и пандемиската рецесија. Работните места во делот на ниско – квалификуваните позиции коишто се и најслабо платени, потоа жените и помладата работна сила се најсилно погодените категории во досегашната фаза на економска рецесија.
Како најзагрозени работни места во следниот период консултантската куќа МекКинси (McKinsey) ги идентификува продажбата и трговијата, каде што само во Европа се очекува да бидат загубени повеќе од пет милиони работни места. Следи секторот индустриско производство, со проценка на загубени 4,26 милиони работни места, а на трето место е администрацијата и услугите со 3,25 милиони работни места. „Најбезбедни“ ќе бидат вработените во секторот финансии и осигурување, каде што се очекува да бидат укинати „само“ 600 илјади работни места на европскиот континент.
Форум на добри компании: како до инклузивен пазар на труд
Сите овие наоди кажани досега упатуваат на заклучок дека без заеднички ангажман на повеќе засегнати страни – државите, компаниите и граѓанскиот сектор – иднината на милиони работници ширум планетава станува позагрозена одошто можеме да си претставиме во моментов.
Одговорите на прашањата како да се справиме со овие предизвици, односно како да се заштитат најранливите категории на работници загрозени од технолошкиот напредок се бараат насекаде.
Поголем фокус кон социјалното претприемништво е еден од начините за надминување на овие проблеми, сметаат експерти.
„Верувам дека светската економија ќе има сериозно поместување кон социјалната економија, каде што центарот на вниманието ќе им припаѓа на општествено одговорните компании, оние кои работат за добро на општеството, а кои преку генерирање профит создаваат можности од голема важност за ранливите групи.“, велат експертите за трансформација на бизнисите.
Владите преку Националните совети за одржлив развој, ја потврдуваат заложбата за спроведување на Агендата 2030 на Обединетите нации и ја истакнуваат важноста за стабилна интеграција на Целите за одржлив развој во националните стратешки документи и локалните планови.
„Го препознаваме големиот потенцијал на социјалното претприемништво и сме подготвени да го прилагодиме нашиот систем за нови идеи и нови начини на создавање бизнис со цел да изградиме инклузивно општество“, велат во македонската Влада.
Денеска се смета дека „на периодите од пандемијата и сите кризи до денес може да се гледа и како на значителен глобален настан во историјата на неколку генерации, по кој светот има шанса да ја насочи глобалната економија кон сосема нов правец. Правец што ќе ја прекине практиката што доведе до огромни последици за планетата и за човештвото.
„Во посакуваните општествени системи инклузивните работни места, инклузивните бизниси и инклузивниот раст се високи приоритети. Во нив растот нема да се следи само преку БДП, туку преку сет индикатори кои истовремено ќе носат информација – кој има бенефит од економскиот раст, дали растот е одржлив во однос на ефектите врз животната средина и како тој влијание врз благосостојбата на луѓето“, сметаат експертите.
Како технологијата може да помогне во воведување на ранливите категории на пазарот на труд
Интересно е што во зголемувањето на инклузивноста во општеството, конкретно на пазарот за труд, може да помогне токму технологијата, која што, патем, е еден од „виновниците“ за загрозеноста на работните места.
Израелскиот претприемач Елиа Родман, основач на стартапот My Interview објаснува дека тоа е платформа којашто со помош на вештачката интелигенција помага во процесот на одбирање идеални кандидати за некое работно место, фокусирајќи се на личноста на кандидатот, а не на неговото CV.
„Ако на некоја компанија ѝ стигнат 100 апликации за едно работно место, со традиционалниот метод на интервјуирање оној кој аплицирал 99-ти има многу мали шанси да ја добие работата, иако е можеби еден од најквалитетните. Преку нашата платформа алгоритмите овозможуваат никој да не биде пропуштен и сите да добијат еднаква шанса. Ни помагаат да не пропуштиме добар кандидат“, ја објасни Родман улогата на неговата платформа.
Токму My Interview е пример како технологијата, односно вештачката интелигенција може да помогне во воведувањето на ранливите категории на пазарот за труд.
Токму со ваква алатка меѓу другото, ќе се надмине и тој проблем, на пристрасноста и субјективноста во процесот на вработување базирана само врз основа на читање на работните биографии на кандидатите.
„Да ја вратиме личноста на луѓето повторно во процесот, субјективноста нема место во иднината на работните места. Ако некој има лоша географска позиционираност, или не завршил престижно училиште, регрутерот ќе има предрасуди кон тоа, а клучот за да ги надминеме овие работи е да ја вратиме персоналноста, во што вакви алатки може да ни помогнат“, истакна Родман.
Во Меѓународната организација на трудот (ILO) велат: ако сакаме да ја подобриме иднината на работните места, мора да се инвестира во луѓето и нивните вештини, да се ремоделираат институциите, но и да се подобрува дијалогот меѓу сите страни – бизнисите, институциите, граѓанскиот сектор и самите работници.
„Во минатото, лидерските капацитети беа главно поврзани со машки квалитети, а денес работите многу се променија, иако не со брзината која што требаше. Сега се бараат лидерски квалитети поврзани со емоционалната интелигенција и умеења, кои се генерално женски или феминистички особини, кои ќе ни помогнат подобро да се справиме со големи предизвици како што е пандемијата“, велат таму.

Поголема поддршка од јавниот сектор во процесите на преквалификација и доквалификација
А, кога сме на темата инвестирање во луѓето и во нивните вештини, Светскиот економски форум истакнува една загрижувачка тенденција, а тоа е дека просторот за преквалификација и доквалификација на работниците се стеснува во новите околности на пазарот на труд предизвикани од сите кризи од 2020 до денес.
Ова се однесува и на работниците што е поверојатно да останат во своите работни позиции, како и на оние што имаат ризик од губење на работата поради растот на невработеноста предизвикан од рецесијата и не можат да очекуваат допрва обуки и тренинзи на работа. За оние работници што е веројатно да останат на своите позиции, процентот на основни вештини што ќе се променат во следните пет години е 40%, додека 50% од сите вработени ќе имаат потреба од преквалификација.
Она што дава надеж е дека и покрај тековната економска криза, голем дел од работодавците ја препознаваат вредноста на инвестирањето во човечкиот капитал. Анкетираните компании во извештајот на СЕФ во просек очекуваат да овозможат преквалификација и доквалификација на 70% од своите вработени до 2027 година. Меѓутоа, ангажманот на вработените во овие обуки оди со побавна стапка, односно, само 42% од нив ги прифаќаат овие можности за надградба овозможени од работодавците.
Светскиот економски форум препорачува јавниот сектор да даде посилна поддршка во процесите на преквалификација и доквалификација за оние работници што ги загубиле работните места или се во ризик од тоа. Во моментов, само 21% од анкетираните бизниси се изјасниле дека имаат пристап до јавни фондови со цел поддршка на своите вработени во надградбата.
Јавниот сектор ќе треба да создаде стимулации за инвестирање во работните места на иднината; да обезбеди подобра заштита за луѓето што загубиле работа или се во процес на барање работа; и одлучно да се зафати со долго одложуваните подобрувања во образовните системи ширум планетава.
Исто така, СЕФ им препорачува на владите во светот да размислат сериозно за подолгорочните последици по пазарот на труд доколку ја одржат, повлечат или делумно повлечат силната поддршка што ја даваат во текот на кризните периоди за да се одржат платите и работните места во повеќето светски економии.
Важноста на стручните компетенции нема да се промени
Гледањето во минатото помага, но за квалитетна одлука секогаш треба да ѕирнете и во иднината. Сега се наметнува прашањето кои компетенции после стивнувањето на епидемијата најмногу ќе се бараат.
Harvard Business Review истакнува на пример, дека во новите услови нема да се промени важноста на стручните компетенции затоа што квалитетот и ефективноста на работата ќе бидат поважни од било кога.
Притоа, ќе биде нужно да се поработи на дигитални знаења, коишто станаа основен предуслов за работа, со цел да се искористат предностите на интернетот и работата во поврзани мрежи.
Исклучително важни се и soft skills вештините, од управување со луѓе и стратешко планирање, до сопственото управување со времето, стресот и поставување на приоритети. Со оглед дека не’ чекаат и други кризи во блиската иднина, повторно станува важно управувањето со ликвидноста и ризиците.
Продажните вештини исто така ќе бидат клучни, затоа што продажбата многу потешко ќе оди одошто пред кризата и само најдобрите продавачи ќе успеат да ги исполнат своите планови. Дигиталните продажби се клучот.
Ако сакате да читате – има многу книги што може да ги прочитате за разни компетенции и вештини. Ако сте повеќе тип за гледање – има изобилство видео материјали, туторијали, што може да ги погледате. Ако пак сакате интеракција и ви треба мотивација преку надворешни стимулации – постојат многу онлајн курсеви што може да ги почнете. Не е важно за која метода ќе се одлучите, се’ додека се држите до овие три правила: вложувате труд; се преиспитувате самите себе и искрени сте кон себе.
Работете на комуникацијата! Колку и да ви звучи оваа реченица како некакво клише, денес е поважна од било кога. Комуникацијата отсекогаш била важна и за нејзиниот развој многу се зборувало, но денес кога голем дел од нас работат од дома, нејзината важност е уште поголема.
Три совети што HBR ги дава за тоа како да се работи на комуникацијата се следниве:
- Разбирање на туѓите и сопствените емоции и управување со нив (емпатија, емоционална интелигенција);
- Поставување на прашања со цел подобро разбирање во рамки на тимот, организацијата, семејството, заедницата;
- Одговорност за себе и своето однесување кон себе и другите;
Ова се можеби најважните компетенции што ни се потребни во моментов за да бидеме успешен и продуктивен член на тимот, семејството и заедницата.
Меките вештини стануваат сè поважни
Меките вештини (soft skills) коишто се се’ повеќе актуелни како неминовност во контекстот на работните места на иднината значат всушност способност за управување со самиот себе (self – management), активно учење, флексибилност и толеранција на стрес или издржливост на работникот, велат анализите на Светскиот економски форум. Овие трендови исто така ќе бидат предизвик и за самите компании, што значи дека покрај процесот на автоматизација на работата, паралелно ќе постои и предизвикот за активно учество и следење на трансформациите на работните места, создавање на услови за преквалификација, оспособување на работникот и сл.
Следи список на меки вештини за коишто според СЕФ ќе расте потребата во блиска иднина.
- Аналитичко размислување и иновативност;
- Активно учење и стратегија на учење;
- Решавање на комплексни проблеми;
- Критичко размислување и аналитичност;
- Креативност и оригиналност;
- Лидерство и влијателност;
- Употреба на технологија;
- Дизајн на технологија;
- Флексибилност и отпорност на стрес;
- Структурирање на идеи;
- Емоционална интелигенција;
- Лоцирање проблеми;
- Убедување и преговарање.
Преземено од: Kapital.mk