Анализите покажуваат дека можеше и поинаку да се игра! Ај што можеше државата целиот кредит да го искористи за инвестиција на еден силен државен инфраструктурен проект како системот Чебрен Галиште, на пример (оти компаниите со добри проекти секако ке најдат пари од банките и без овој кредит и со добри камати) дел од овој кредит можеше да се издвои во посебни државни фондови: Еден фонд за развој на претприемачки проекти, развој на прептриемништвото, друг за развој на стартап во околината на Скопје. Трет фонд специјално наменет за ИТ индустријата која ке ги прибира квалификуваните инженери за таа работа. Четврт фонд за развој на руралниот туризам и производство на храна.
ОК … тоа помина … сега ние да си уживаме во грејс периодот од 3 години како највисоко достигнување од унгарскиот кредит … Кога ке поминат овие три години ке му ја мислиме!?
Она што кон крајот на минатата недела остави најголем впечаток на македонската економска сцена е што Владата ги стави 250 милиони евра од кредитот од Унгарија на располагање на Македонската државна банка за развој. Одобрени се 250 милиони евра за бизнисот од унгарскиот кредит. Владата ги одобри договорите за користење на средствата од унгарската кредитна линија, со што Развојната банка сега може да ги потпише договорите со банките, а средствата да станат оперативни.
Тоа е веста … значи задолжувањето на македонските компании распослани низ оскудните неколку сектори кои нешто значат за македонската економија (а ништо не значат на Балканот и во Европа) е веке почнато …
Со оглед дека од пари никогаш доста тоа значи дека во организмот на македонските големи директори веке почна да се лачат ензимите за нивното побрзо лапање и варење … Така, како што обично бидува во овие триесетина години откако Македонија сама одлучува за се, наскоро во скапите кабинети на македонските банкари, со по некое скапо виски ке влезат директорите, пред официјалните менаџери на компаниите задолжени за финансии … Сопствениците, таканаречените „големите„ во македонската економија ке ја завршат работата за многу брзо време и тоа на ниво до максимумот 10.000.000 евра. Ништо помалку. За статус се работи – демек јас ли немам идеја за десет милиони!? Ма дај не треси глупости …
Парите ке се лапнат брзо оти тие и имаат да дадат 20% учество (2.000.000 евра). И така еден добар дел од овие 250 милиони евра ке биде пласиран (таму каде е одамна договорено уште и пред изборите) за кратко време. Плус три години грејс период … Ма топ. Подобро сценарио немало. Проектите се веке смислени. А и да не успејат … па по три години друга песна ке пееме.
Е сега, тука останува прашањето само во какви нови проекти? Упатената јавност со нетрпение очекува какви нови проекти може да извади структурата на сопствениците и „големите„ од деведесеттите. Или нивните млади поколенија кои во последните години единствено успешно што направија е што дебело си го подновија возниот парк (секоја чест на неколкуте исклучоци).
Инаку, да не бидеме злобни, сериозно мисли упатената јавност дека проектите се многу важни секако. Тие треба да бидат нови модерни и да имаат додадена вредност која ке овозможи нови работни места и поголем извоз! Така рече и премиерот Христијан Мицковски, и тука во неговиот став треба да се каже дека е сосема во право.
Значи според најавите од сите надлежни, во оваа голема тема, е што компаниите ќе имаат пристап до кредити со рок на отплата до 15 години и грејс период од три години. Каматната стапка изнесува 1,95 проценти без дополнителни надоместоци, а максималниот износ за аплицирање е 10 милиони евра. Сите 13 комерцијални банки ќе бидат вклучени во проектот.
Она што е точно, исто така, е што навистина, како што подвлекува Владата, ова е најголемата сума досега дадена на располагање на бизнис секторот. Да под исклучително поволни услови. Така е. Но во тоа е и опасноста. Ова е најголемата сума што може да не вивне, ако се знае како, а не гледаме дека нешто многу се знае … а може сумата и да не дотепа како што сме „утепани„ гледано пошироко во балканскиот регион. Оти парите се нели жив ѓавол. Тешко е без нив, но уште потешко е и со нив. За другите 250 милиони за општините и воопшто да не анализираме … Таму одиме по жица.
И понатаму велат дека се очекува да се зголеми конкурентноста на компаниите и ќе се отворат нови работни места.
Е тука … најверојатно се претркале во проценките …
За да зборуваме за конкурентност на македонските компании прво треба да видиме секторска анализа за тоа како некој размислувал 250 милиони евра да ги вбризга во економијата. Оти едно е да ги ставиш во нови проекти за извоз на храна од Македонија (преработувачки фабрики кои ке дадат додадена вредност), а друго е да ги пласираш во поединци и компании сами за себе од сектори кои секако работат и имаат достигнато ниво од кое и не може повеке освен евентуално да ја зголемат профитабилноста на ова ниво. Такви сектори се на пример во металната индустрија, рудници, енергетски капацитети … Што тука може да измисли македонски човек. Е за тоа ке одлучувале банките … А банките секогаш одлучуваат како им е најсигурно, освен што постојат и банкари кои влегуваат во разни други, не до крај јасни, релации со потенцијалните големи инвеститори до максималните 10 милиони евра!?
Државата веке си ги испра рацете со тоа што кажа дека банките го имале сиот ризик за пласманот. Тоа е теоретски така, но во Македонија одамна е поинаку.
Што ке прават средните и помалите компании?
Во Македонија постојат пропулзивни сектори кои сеуште ги немаат доживеано своите звездени моментот – компаниите во делот на производство на храна, производство на вино (бизнис кој сега е на 80 милиони евра годишно а има многу поголем потенцијал), потоа домашната ИТ индустрија која мака мачи борејки се со нејасната и коруптивна странска и домашна конкуренција од страна на протагонисти од сите високи државни институции. Секој во државата си има свој ИТ маг. Индустрија која лесно се трансформира и меси како сакате … Тендерите и нивната вредност се релативна категорија.
Оттука, вистинското прашање е на пример што е тоа што може државата да направи да ја заштити домашната ИТ индустрија, да им даде повеке можности. Ако некоја таква компанија побара, на пример, два милиони евра кредит таа треба да обезбеди 400 илјади евра учество. Од каде ке ги најде тие пари? Во услови кога бизнисот на домашните ИТ компании е срозен до дно, и немаат ликвидност. Такви има многу мали компании во разни сектори.
Заклучокот е дека големите во оваа приказна ке останат големи во своите традиционални бизниси кои на светскиот пазар не носат нова додадена вредност. Оттука, прашање е колку ке ја зголемат својата извозна конкурентост надвор, но својата профитабилност дома секако ке ја зголемат … Особено што имаат три години грејс период да прават како и што сакаат.
Исто така заклучокот е дека малите компании на кои ке им требаат далеку помали кредити ке имаат потешка задача … Тие компании немаа доволно средства за квалитетен влез во овој процес. Од страна на банките по дефиниција зе означувани како високо ризични, па следствено и веројатноста дека ке добијат квалитетни кредити е мала. И дали ке добијат е прашање.
Анализите покажуваат дека голем дел од овие средства, ако се оди по алгоритмот на тоа како замислила Владата, практично ке останат неискористени во добар дел.
Треба да се има во предвид дека македонските банки се полни со пари и без унгарскиот кредит. Дури и со поповолни кредитни линии (за банките се разбира) отколку оваа која ги ограничува во каматната стапка. Ако се разбираме.
Еве на пример, јавено е веќе дека над 200 компании во Прилеп се во подготовка, а 25 од нив имале целосно подготвени документи за аплицирање!? Компаниите побаруваат некаде помеѓу 17 и 20 милиони евра. Тука прашањето е дали државата претходно направила анализа на секторите во кои треба да пласираат потенцијал за развој … Кои се приоритетни сектори со оглед на тоа дека денес 21ви век и светот, каде логично македонските компании треба да се стремат да извезуваат, има сосема други потреби ако се има предвид дека се бара додадена вредност на производите. Дури и пиперките во тегла за брзо време ке мора да се ставаат со вештачка интелегенција.
„Овие средства за прилепското стопанство ќе значат многу затоа што ќе влезат свежи пари и ќе заврти циркулацијата на парите, така што компаниите според оние информации кои ги имаме ги бараат повеќето за нова опрема и градба, така што градежниот сектор ќе може да се активира, ќе се отвораат можеби и повеќе работни места затоа сметаме дека ќе има зголемен интерес кај компаниите“, рече Никола Мариновски, претседател на Регионална стопанска комора.
Да во ред … и сите ние знаевме дека на градежништвото се типува … Нови хали нова опрема. Но, дали некој направил анализа колку нови хали се изградени во Македонија само во последните пет до десет години. А денес зјаат празни, како свеодштво за неинвентивност и кратковидост одрас на парохиски македонски менталитет. И пак хали ке градат.
Знаеме ли колку од тие се празни … Зошто? Оти немало идеја … Оти многу од тие згради се направени како производ на фрустрација да се покаже дека се има се може … Пред зградата уште и ке паркирате едно ново ауто и тоа е тоа …
Погледнете ги билансите.
Точно градежништвото ке цвета оти ке гради. Денеска се може да се изгради, па дури поголема зграда од најголемата во Дубаи.
Но, според бизнисмените, особено извозно ориентираните компании, кредитот ќе придонесол да останат конкурентни на пазарот со вложувањето во нови технологии, а обртот на пари ќе го почувствувало целото општество. Видете … бизнисмени по долината на Вардар да ви зборуваат за општеството во Македонија баш и не ми е некако логично, но еве да им веруваме.
И веднаш таа бизнис македонска логика мава вака: „Фактот што сега имаме предност да земеме кредит со грејс период од 3 години ни дава за право инвестициите од 3 години да ги ставиме во 1 година. А тоа ќе ни даде можност да ја зголемиме нашата конкурентска предност на пазарите каде што извезуваме, а дополнително и најбитно ќе ни даде можност да го зголемиме животниот стандард на нашите вработени. Доколку нашите 850 вработени би добиле зголемен животен стандард, зголемен приход за својот труд, ќе имаат зголемена потрошувачка, повеќе пари ќе се свртат во економијата“, додаде Ирена Јакимоска, менаџер на компанија.
Баш дека така мислат и не верувам … но останува да се памети овој текст и став и да се препрочита по истекот на трите години грејс период. Тогаш ке ги гледаме резултатите.
Анализите покажуваат дека можеше и поинаку да се игра! Ај што можеше државата целиот кредит да го искористи за инвестиција на еден силен државен инфраструктурен проект како системот Чебрен Гаслиште на пример (оти компаниите со добри проекти секако ке најдат пари од банките) дел од овој кредит можеше да се издвои во посебни државни фондови.
Еден фонд за развој на претприемачки проекти, развој на прептриемништвото, друг за развој на стартап во околината на Скопје. Трет фонд специјално наменет за ИТ индустријата која ке ги прибира квалификуваните инженери за таа работа. Четврт фонд за развој на руралниот туризам и производство на храна.
Градењето на посебни зони за развој на стартапови е нешто што го прави цел развиен свет и некои балкански држави. На едно место се групираат новите генерации кои реално ке ја донесат промената во Македонија. Сеапак … тие тоа секако ке го направат и без унгарскиот кредит … Еден ден. Но државата имаше неповторлива шанса да биде дел од ваква победничка приказна.
Сепак, дотогаш ние да си уживаме во грејс периодот од 3 години како највисоко достигнување од унгарскиот кредит … Кога ке поминат овие три години ке му ја мислиме!?
Преземено од: Kapital.mk