И да ја зголемите старосната граница на 67 години тие работници од „бејби бум„ генерациите нема да ви ја завршат работата со пензискиот фонд, затоа што новото време и сосема новата логика на развој на компаниите и индустриите бараат нов пристап.
Ова е нова „технолошка доба„ па тој тип работници во тие години едноставно нема да им е потребен дури и на македонските компании, такви какви што се (не знам што би можел работник на 65 години да придонесе во институција или комапнија која треба да помине низ процесот на општа дигитализација државата, како што амбиционо најавуваат овие од министерството за дигитализација).
Тоа се работници со „морална и техничка застареност„ на кои им е доцна допрва да учат, а и да учат што ќе им е. Тие се дури и пречка за зголемување на продуктивноста во јавниот и приватниот сектор. Ако воопшто, пак, може и да се зборува за продуктивност во јавниот сектор, каде во „морална застареност„ одамна се влезени и младите луѓе кои работата ја добиле чисто партиски. Тие што знаат, умеат и се капацитети секојдневно си одат и од јавната администрација. Прашајте во американското, кандското, германското и австралиското имиграционо биро.
- 1. Неделава која е зад нас освен што не потсети на инфлацијата од 4,3% за месец ноември и поминувањето на Буџетот речиси без расправа со брутално одбивање на сите амандмани на опозицијата, исто така продуцираше посебна инфлација на темни настани кои спинувано требаше сите нас по долината на Вардар да не шашардисаат … Едноставно да не знаеме од кај да фатиме да процесираме со нашиве изнемоштени „полни„ глави … Не дека и кога дебатираме нешто рационално кажуваме и раскажуваме, ама и џамче муабет кога правиме едноставно како ова да нема повеќе смисла … Се е некако глупаво.
Како што, на пример, сите проблеми ги решивме во образованието, сега уште химната кога ке се свири во средни школи – тоа треба да решиме!? Министерке Јаневска проблемите во образованието, ниту се пејат, ниту се свират, оти за нив нема напишани ноти. Седнете решавајте ги суштинските проблеми! На пример, какви кадри излегуваат од македонските универзитети? И од кои универзитети? Таму има криминал алоо!?
2. Сепак оваа недела беше некако посебна … Црна листа (Артан Груби и судија од Апелација), апсења за висок криминал. Уставен ја одложи расправата за употребата на албанскиот јазик ….
Имам впечаток дека рејтингот на ДУИ дополнително порасна, особено откако Артан Груби многу гласно во јавноста се повлече од политичкиот живот, што најавува дека ДУИ почнува да се реформира (!?). Ова беше многу јасно, и со фокусирани пораки до Ахмети, во специјален говор поздравено од Иџет Меџити, неформалниот лидер на ВЛЕН. Што тука ќе се случува, јас имам свое конкретно размислување, ама ќе го оставам за друга колумна наскоро.
Се мислам дека ВЛЕН со секој настан од овој тип е се подлабоко во офсајд, го губи тлото под нозете (ЗНАМ како да се претопил во ВМРО ДПМНЕ, а добар дел сакаат назад во СДСМ). ДУИ тренира покрај аут линијата за враќање во Владата. Како на друг начин да се толкува фактот дека веднаш по најавата дека на денот ништо нема да се случи во Уставен, а Груби беше ставен црна листа, шаторот беше тргнат. Пред албанските гласачи тоа е протолкувано како победа на ДУИ кои „на вистински начин ги штитат интересите на Албанците, дури и со „жртви„ (Груби). Времето ќе покаже. Ако има нова анкета деновиве рејтингот на ДУИ ке биде пораснат. Во тоа ве уверувам.
3. Да, ќе заборавев, слушнавме и тоа дека Македонија имала меѓу највисоките стапки на раст во четвртиот квартал на 2024 година во Европа, дури поголема и од многу земји членки на ЕУ!? што само по себе е за Гинис, освен ако не се сетите дека и Александар Вучиќ секоја година Србија ја прогласува за „европски економски тигар„ со највисоки стапки на раст, и тоа правопропорционално со илјадниците луѓе кои секојдневно се на улиците на Белград, барајќи смена на власта (од пред некој ден и студентите)! Таму само на Пинк ТВ е розево …
Она што овде се поставува прашање е кои новинарски, аналитичарски, коментаторски, подкастерски и политички табори во наредниот период ќе бидатат македонскиот Пинк ТВ. Која ке биде таа македонската „Фарма (реално шоу)„ и која ќе биде нашата Јована Јеремиќ … За конечно да се распоредат улогите на идентичен начин како проверена формула за успех за долго владеење.
Ах, ќе заборавев … Ми се причини или не се припојавија, и првите апологети на власта, и на лидерот, во стилот на оние во Белград кои целата своја власт, моќ и „цврста рака„ на управување со институциите во иднина веројатно ќе го црпат од ликот, делото и авторитетот на Премиерот кој во проекциите низ партиските лаборатории на ВМРО ДПМНЕ би требало да остане долго на врвот.
Па така се појавија и првите лигавења од типот – „како што рече нашиот Претседател„, „како што мисли и размислува нашиот Претседател„, „Благодариме на сесрдната подршка на Премиерот и Претседател на владејачката ВМРО ДПМНЕ„ …
Социјалните медиуми се полни со овој вид на наратив, исто како во Белград. Така некако се движат работите …
Сега да преминеме на главното од минатата недела, барем за мене … Фискалниот совет предложи старосната граница за пензионирање да биде 67 години наместо сегашните 64 години. Причина е се послабата финансиска кондиција на македонскиот пензиски фонд!? Стручната и пошироката јавност енергично го одби овој предлог веднаш истиот ден. Со право. Зошто?
Владата знаејќи дека ваквите предлози можат директно да влијаат на рејтингот (ако јавноста помисли дека дури и размислува Владата за такво нешто) истиот ден го одби предлогот на Фискалниот совет (што е добро), иако остана впечатокот дека преку Фискалниот совет можеби се сакаше да се испровоцира до каде може да оди реакцијата на јавноста! За да се види што следно да се предложи и прави. Па слушнавме онака срамежлива најава дека нешто мора да се прави, па размислувања за зголемување на ДДВ (!?), национализација на вториот пензиски столб (како што демек направиле други држави) (!?).
Ајде вака да го поставиме овој голем проблем со неликвидноста на пензискиот фонд кој долги години па и децении наназад е зависен од централниот Буџет преку дотациите што ги добива од таму…
Еве да се запрашаме дали во последните две три децении се сеќавате пензионерите да не зеле пензии и тоа на денот на доспевање?!? Јас не се сеќавам. Редовно е тоа. Тоа значи државата ревносно ги решава пензионерите без разлика која партија е на власт. Па тие се и нај ревносните гласачи. Гласаат први од 7 до 10 наутро.
Но, и пензискиот и здравствениот фонд имаат проблеми. Следствено централниот Буџет е оптеретен и има проблеми (па ребаланси, дефицити … за се само не за тоа што треба…) Затоа нивото на искористеност на срествата за капитални инвестиции од Буџетот е 35% до 45%. Останатиот дел преку ребалансите одат за зголемување на пензиите и платите на јавна администрација … Па после инфлација … И така во круг.
Но, за да јадете една кременадла, сигурно не треба да заколите цел вол.
Мојот совет е дека проблемот и решението треба да се бараат на друго место. Прво, и да ја зголемите старосната граница на 67 години тие работници од „бејби бум„ генерациите нема да ви ја завршат работата со пензискиот фонд, затоа што новото време и сосема новата логика на развој на компаниите и индустриите бараат нов пристап.
Ова е нова „технолошка доба„ па тој тип работници во тие години едноставно нема да им е потребен дури и на македонските компании, такви какви што се (не знам што би можел работник на 65 години да придонесе во институција или комапнија која треба да помине низ процесот на општа дигитализација државата, како што амбиционо најавуваат овие од министерството за дигитализација).
Тоа се работници со „морална и техничка застареност„ на кои им е доцна допрва да учат, а и да учат што ќе им е. Тие се дури и пречка за зголемување на продуктивноста во јавниот и приватниот сектор. Ако воопшто, пак, може и да се зборува за продуктивност во јавниот сектор, каде во „морална застареност„ одамна се влезени и младите луѓе кои работата ја добиле чисто партиски. Тие што знаат, умеат и се капацитети секојдневно си одат и од јавната администрација. Прашајте во американското, кандското, германското и австралиското имиграционо биро. Значи еве ви еден аргумент зошто предлогот за 67 години не пие вода.
Втор аргумент е дека за да ги преквалификувате овие работници да можат да работат продиктивно до крајот на работниот век (67 години) треба да има посебни големи издатоци од Буџетот за трошоци за преквалификација што всушност не знаете како ќе заврши. Многу од тие трошоци во последните години отидоа во бунар. Се правеа тендери за преквалификација, а од неја нешто не гледаме пред очи.
Трето. Проблемот и решението треба да го бараме во контингентите млади луѓе нивни синови и ќерки кои секојдневно ги полнат автобусите и заминуваат во бели свет на печалба. Тие таму некаде полнат други пензиски фондови, а не македонскиот.
Оттука, решението е решавање на структурниот длабок проблем. Како да се отвори процесот на создавање продуктивни и добро платени работни места овде со што ќе стане несиплатливо иселувањето на работниците надвор. Тоа е суштинската реформа што треба да и се случи на Македонија и нејзината економија. Па откако тоа ке се реши, тогаш да се погледне во пензискиот фонд кој сигурно дека ке се полни квалитетно.
Но, за да тоа се случи потребни се подлабоки структурни реформи. Потребно е внесување на нов менталитет, култура на размислување и отворање на нови можности за новите генерации ПРЕТПРИЕМАЧИ. А таа тема кај нас стана табу тема. Никој не збори за новите пропулзивни индустрии! Никој во државата не ја отвора темата за тоа што треба да се направи со сегашните фриленсери млади луѓе кои од тука, од дома, работат за странство и заработуваат многу – како да им се помогне да заработуваат уште повеќе, но и да се интегрираат во македонскиот финансиски ситем! Колку даноци и придонеси плаќаат тие луѓе? Има ли увид државата колку пари се губи само од оваа групација!
Понатаму, што се прави поедини сектори да работат уште подобро од тоа што работат сега – ИКТ секторот, секторите во делот на земјоделието и производството на храна, туризмот, некои потешки индустрии, транспорт и логистика (нели сме на важни коридори) и други цели сектори. Што сакам да кажам? Преку два примери …
На пример, ако индустријата за производство на вино прави годишно околу 80 до 90 милиони евра, што да направиме таа индустрија да прави 200 до 300 милиони евра. Кога ке одговориме на ова прашање ние практично сме одговориле на прашањето – како да се зголемат инвестициите во обем на производство на грозје, на увоз на грозје, на инвестирање во современи и нови технологии и следствено отворање на многу нови компании во овој сектор, селски домаќинства кои ке се занимаваат со прозиводство на грозеје.
Друг пример ви се домашните компании во ИКТ индустријата. Се отепавме прибирајки и давајки супер можности за странските компании од ИКТ индустријата. Домашните се фрлени на маргините. Најголем инвеститор во ИКТ софтверски и хардверски решенија е државата со многу милиони тендери годишни. И најголемата корупција е детектирана тука!?
Но, не смеете да ги суспендирате домашните компании од трката со странските оти ке ги изгубите. А тие компании вработуваат луѓе кои сеуште не помислиле да си заминат.
Оттука, домашните компании треба да бидат подржани и засилени како би отвориле нови инвестициски циклуси, дајте им можност да одработат тендери за државата (без корупција се разбира, има модели за тоа). Ако тоа го направите тие ке се здобијат со потребните референци за да можат да работат и надвор во други држави. За тоа ке им треба нови работници. Преквалификациите што ги правите трошејки пари од Буџетот ке добијат смисла.
Вака парите за преквалификации ви одат во ветер, вработените од домашниот ИКТ сектор за поголеми пари си одат во странски софтверски фирми или стануваат фриленсери кои ништо не и плаќаат на државата.
Домашните ИКТ фирми остануваат без работа, пропаѓаат, не плаќаат даноци и придонеси и државните фондови остануваат празни.
Соберете сето малку што го напишав погоре и работите ке ви станат појасни.
Ако ова се среди, а за сега тешко, оти македонкси проблеми децении наназад не се решаваат, или само се „тртлја„ по површината на проблемот … А и многу корупција бре, која полесно оди со странци, оти нашиве по дома ќе ве зборуваат. Значи се зголемува опфатот на даночните обврзници кои ке плаќаат даноци и придонеси. И уште многу вакви политики можат да се водат во многу сектори.
Од друга страна, идејата за национализација на вториот пензиски фонд е исто така проблематична. Ќе го национализирате сега, и по извесен број години, ако не го решите ова структурно, и суштински напишано погоре, ке ги изгубите и првиот и вториот столб. Дупло голо.
Разберете … На Македонија и требаат претприемачи, нови компании, и нова генерација вработени со знаења од денес, и апдејтувани секојдневно. Тука е победата, а не партиски војници кои како млади испилени ги отвораат клуновите пред лижавчињата на јавната администрација за малку пари, но со долгорочно континуирано затупување и неработење. Кои за извесен број години ќе ви виснат, не на пензиските фондови, туку на фондовите за социјално осигурување. Брзо ке дојде тој ден.
Преземено од: Kapital.mk